Продолжува собраниската расправа за екстерното тестирање

Пратениците денеска треба да ја продолжат расправата по предлог-измените на Законот за основно образование, поднесени од страна на опозицијата.

Вчера имаше жестока расправа – опозицијата ја обвини власта дека досега не обезбедила јавна дебата со сите засегнати страни за да ги аргументира потребите од оваа, според нив, неуспешна реформа чиј  концепт ќе му зададе последен удар на и онака уништеното образование.
Пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак го бранеа екстерното како концепт кој ќе обезбеди контрола и поголем квалитет, а токму опозицијата според нив бара уназадување на образованието заради политички поени.
Укинувањето на екстерното тестирање е првиот предлог-закон што опозицијата  го достави по едногодишниот бојкот на Собранието.
Незадоволни од моделот на екстерното тестирање минатата учебна година, средношколците во второто полугодие од минатата школска година излегоа на масовни протести и ја бојкотираа наставата.
Извор: 24 Вести