Продавачите на „Лице в лице“ избркани од кафуле во центарот на Скопје

Продавачите на „Лице в лице“, заедно со писателката Јагода Михајловска-Георгиева, во петокот биле грубо избркани од кафулето Бокатa во центарот на Скопје. Овде, тие сакале да го претстават најновиот број на списанието кое го продаваат луѓе од социјално маргинализирани групи.

„Немаме никаков проблем со тоа да прифатиме правила на одредено кафуле, но, имаме проблем со дрскиот и вулгарен однос, што беше одлика нa дел од тамошниот „тим“ кој нè пречека“, соопштија од „Лице в лице“.

Згрозена од ваквиот однос, писателката Михајловска-Георгиева преку социјалните мрежи детално ја објасни случката:

„Ден петок, овој втори март, надвор шиба дожд, внатре топло, полни масите, се испаруваат кафињата, чадат цигарите, џагори расположениот свет. Нерасположено кон “различните“, едно девојчиште гневно ни се вдава, попречувајќи ни го патот, келнерка, ли, менаџерка ли, сеедно. Надвор!, паѓа ратоборна наредба. Зошто?, прашувам, колпортерот Ром „ниту писна, ниту заби стисна“, навикнат бил на ваквите, отпосле дознавам. Излезете веднаш!, кербер девојчиштето го истопорува едрото тело на браникот пред напаста од „различните“. Галиба и јас и` се сторив Ромка, темен ми е тенот.  Новинарките и фоторепортерот на „Лице в лице“ не успеваат ни прагот да го минат, киснат на дождот. Овде е газдата?, прашувам. Излезете веднаш!, за`ржува одбраната. Од кај масите тапи, рамнодушни погледи, „нису одавде, не тиче их се“. Името на газдата?, пак јас. Не е важно!, му се спојуваат жичките на девојчиштето, ме турка кон излезот. Тоа жилаво, жилава и јас. Новинар сум, го вадам асот од ракав, а вие луѓе ли сте? Луѓе сме, надвор одовде!, се оѕверува, бездушно истуркувајќи ме, снажно некое богами. Го врти грбот и ми ја траска вратата на која не го пишува она „Забрането за разни гадинки…“, ама „го прочитавме“, отсега ќе знаеме“.

Списанието чини 100 денари, а половина од сумата ја задржуваат продавачите.

„Овие луѓе одлучиле дека сакаат да си го променат животот кон подобро и тие се на пат да го сторат тоа. Секој од нас одбира дали ќе ги поттикне, или, можеби, игнорира. За среќа, сведоци сме на исклучителни потфати на наши сограѓани кои во целост ја разбираат инклузивната мисија и целта на уличниот печат, и тоа нè охрабрува дека не смееме да застанеме на попатните пречки, кои во моментот изгледаат несовладливи. Таквите примери, со радост ги споделуваме и посочуваме. За жал, постојат и примери, пред кои, исто така, не треба да се замижи – за да не дозволиме таквите случаи да ја наметнат свеста која е далеку од позитивни општествени промени“, велат од „Лице в лице“.

Од списанието се уверени дека и во иднина, ќе расте бројот на кафулиња, ресторани и места кои ќе ја препознаваат улогата на „Лице в лице“ во економското и социјално зајакнување на ранливите сограѓани, и дека целосно ќе бидат отворени за поддршка на она што тие го работат.