Приведените новинари на Vice завршија во турски затвор со максимално обезбедување

Двајцата новинари на „Vice News“, Џејк Ханрахан и Филип Пендлбери и нивниот колега од Турција Мухамед Исмаел Расул, кои беа неосновано приведени под обвиненија за тероризам се пренесени во затвор со максимална обезбеденост, на петчасовна оддалеченост од просториите на нивните правни застапници и судот пред кој треба да се појават, јавува Vice.

„Овој процес е срамна опструкција на фер и легалниот процес кој Турција повеќе пати вети дека ќе го одржи. Ја повикуваме турската влада да ги отфрли овие смешни обвиненија и веднаш да ги ослободи нашите колеги“, изјави Кевин Сатклиф, претседател на Vice News Европа.

Турскиот суд во понеделникот покрена формални обвиненија за тероризам против двајцата репортери и нивниот турски колега. Иако интернационалните групи за човекови права повикаа на ослободување на репортерите, турските власти нелегално и нелигитимно ги префрлија осомничените во затвор без да им биде овозможен правен консултант.

Двајцата британски новинари беа приведени минатиот четврток во југоисточниот турски град Дијарбакир заедно со локалниот новинар кој им бил преведувач, водич и возач додека се во Турција. Турскиот новинар подоцна беше ослободен.

Сатклиф ја осуди казната на новинарите во соопштение.

„Турската влада додели неосновани и лажни обвиненија за работа во корист на терористичка организација против тројца репортери на Vice, во обид да ги заплашат и да го цензурираат нивното покривање на темата“, вели тој. „Пред да бидат неправедно приведени, овие новинари ја документираа ситуацијата со терористичките групи и бегалците во југоисточната турска провинција Дијарбакир и известуваа за неа“.

„VICE News најстрого ги осудува обидите на турската влада да ги замолчи нашите репортери, кои обезбедуваа значајно покривање на регионот“, додаде тој. „Продолжуваме да работиме со сите значајни власти за да се ослободат нашите колеги и пријатели“.

Глобалните групи за човекови права, меѓу кои и Amnesty International, PEN International и Комитетот за заштита на новинари (CPJ) се вклучија кон повикот за итно ослободување на репортерите.

„Сосема е пригодно новинарите да ја покриваат оваа значајна сторија“, објавија од Amnesty во соопштение. „Одлуката да се приведат новинарите е погрешна, а обвинението дека тие ѝ асистираат на Исламска држава е неоснована, смешна и бизарна“.

И Ханрахан и Пенделбери се искусни репортери. Заедно ја покриваа мигрантската криза во Кале, британските избори, шкотскиот референдум, ирските републиканци и многу други стории.

Освен неговата работа за Vice, Ханрахан има пишувано за Guardian, The Independent, Wired и Rolling Stone Middle East. Пендлбери е докажан камерман и уредник кој има снимано во Ирак, Авганистан, Северна Кореја и насекаде низ Европа.