Приведениот возач на Шарена револуција е пуштен на слобода, обоено Обвинителство

Синоќа по полноќ е пуштен на слобода возачот на комбето кое ги предводи маршевите на Шарената револуција низ Скопје и од кое се пушта музика. Против него не е покрената пријава, полицијата го врати комбето, но бојата и гумите од чаталот се одземени.

Од движењето напишаа на Фејсбук дека возачот бил приведен „заради прибирање докази за оружје употребено за оштетување културно наследство“.

Повеќе од стотина лица синоќа се собраа пред полициската станица „Пролет“ во Скопје за да дадат своја поддршка за приведениот возач. По неговиот распит, кој траеше неколку часа, следуваше ноќно боење на Основно јавно обвинителство, објави Шарена револуција.

Од „Протестирам“ и Шарена револуија и денес најавуваат протест, кој ќе започне пред Специјалното јавно обвинителство, во 18 часот.