Притисоци за помали плати на наставниците штрајкувачи

Во училиштето „Арсени Јовков“ стигнал допис од министерот за образование и наука до директорите на училиштата да ја пресметаат јануарската плата за сите штрајкувачи на најниска основица на плата, тврди наставникот по англиски јазик и член на штрајкувачки одбор во СЕПУГС „Арсени Јовков“, Жана Живадиновиќ.

Таа преку Фејсбук објави дека во дописот се даваат насоки на директорите на училиштата да ја пресметаат јануарската плата за сите штрајкувачи врз основа на член 240 од Законот за работни односи – односно да се исплаќаат само придонеси на најниска основица на плата.

„Овој притисок да го искористам моето уставно загарантирано право на штрајк, поткрепено со ваков небулозен закон ме тера само да бидам уште погласна и да ве замолам сите да се солидаризирате со наставниците кои сакаат да ги угнетат“, вели Живадиновиќ.

Радио МОФ ја контактираше портпаролката на Министерството за образование и наука, Ардијана Ќамили за коментар за обвинувањата од наставниците, но таа не одговара на нашите повици. Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми вчера изјави дека сите наставници кои штрајкуваат и се членови на СОНК, дел од платата треба да ја добијат од синдикатот. Според него, оние штрајкувачи кои не се членови на СОНК, нема воопшто да добијат плата.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков за Радио МОФ вели дека министерот во неговата изјава толкува еден член од Законот за работни односи, но не толкува друг. Според него, најавите за помали плати во одредени училишта се прекршување на законот и директни притисоци врз штрајкувачите за да го прекинат генералниот штрајк.

„Според член 54 од колективниот договор за основно образование, работодавачот е должен да исплати плата за работниците кои штрајкуваат. Штрајкуваме според Законот за работни односи, од страна на МОН се одбиени сите обиди за социјален дијалог и ние сме принудени да штрајкуваме. Финансиските последици треба тие да ги сносат, а не ние, тие го кршат Законот за работни односи“, изјави Неделков.

Штрајкот на наставниците во основните и средните училишта започна на 20 јануари, а според СОНК ќе трае се додека не се исполнат нивните барања и не започне социјалниот дијалог со ресорните министерства. Тие бараат укинување на паричните казни за наставниците кои имале слаби резултати на екстерното оценување на учениците, зголемување на основицата на платите, регулирање на минималната плата како и други барања за подобрување на статусот на просветарите.

К.О.