Прилепчани ги смениле ознаките на трката „Крали Марко“ за да им отежнат на учесниците, се сомневаат организаторите

Денеска во Прилеп започна седмиот по ред планински ултра маратон „Крали Марко“, кој годинава е поделен на 5 трки. Меѓутоа, учесниците наишле на потешкотии бидејќи дел од ознаките на траката биле променети. Ова, пак, довело до откажување кај дел од учесниците, а други ризикувале да се загубат во планинскиот терен.

Од организацијата за Радио МОФ велат дека засега нема изгубени, но потврдуваат дека секоја година имаат слични проблеми. Оттаму се сомневаат дека ова е дело на локални жители.

Годинава на маратонот се пријавени 400 учесници од 22 држави од целиот свет.

Инаку, најдолгата трка изнесува 110 километри и е насловена како „Крали Марко ултра треил“. Таа е и најдолгата планинска трка во Македонија. На неа учествуваат 40-тина натпреварувачи од повеќе држави.

Другите трки се : „Трескавец треил“ долга 16 км, „Камена баба треил“ долга 31 км, „Козјак треил“ долга 65, а додека трката за најмладите „Маркукуле треил“ е долга 1 км.

Трката ја организираат здружението ТРЕКС и планинарското друштво „Макпетрол“ во соработка со Општина Прилеп.

Taa е од големо значење за учесниците бидејќи носи квалификациски поени за ултра маратонот на Мон Блан.