Приказна за девојката со визија за функционален велосипедски град

Јулијана Даскалов е активист, точакољубец, визионер. Таа е поранешен раководител на проектот „Велосипеди за сите“, една од оние кои пред 10-ина години ги исцртуваа новите велосипедски текови низ Скопје и изработија систем за изнајмување велосипеди. За да го користат сите граѓани. За Скопје да биде поеколoшко, попријателско и пофункционално. Нејзината приказна можеби е непозната за новите генерации ученици, но е лектира што треба да се повтори за да продолжи иницијативата за одржлив вело-град.

Даскалов имаше презентација на младинската мобилна конференција „Bike & Learn“. Млади средношколци беа собрани во просториите на организацијата „Go Green“. Будно следеа ретроспектива на идеја за социо-културно „пркнување“ на Скопје.

Истовремено, Даскалов се обидуваше да им даде активистичка искра. Да дознаат нешто повеќе за транспортот на педали за да бидат идни факелносци на урбано Скопје, со удобни патеки што генерираат помалку стрес, и со разработен систем за велосипеди. Исто така, да дознаат колку вело-инфраструктурата е поврзана со културата.

„Приказната започна во 2007 година. Возејќи велосипед низ градот ме застана полицаец кај АМСМ и ми рече: ‘Девојче, треба да возите на велосипедска патека. На улица не може’. Му реков: ‘Да, секако, ќе возам доколку има велосипедска патека. Тука се наредени паркирани возила, бензинска пумпа, несреден тротоар.. Каде да возам!?’. Ми ја извади ѕиваната. Бесна отидов во полициската станица ‘Беко’ да објаснам што ми се случило. Таму сите ми се изнасмееја. Ми фаќаа сеир. Па, се вратив дома и заедно со моите пријатели велоспедисти рековме ‘Ајде да направиме нешто, да направиме место за возење велосипед!’“, раскажува Даскалов.

Кога почнале да истражуваат и да ја гледаат топографијата на Скопје, измериле дека скоро 94% од Скопје е на рамна површина. Идеално место за возење точак. Така направиле проект и целата работа ја истерале неколку еколошки организации.

„Носител на проектот за изнајмување велосипеди е организацијата ‘Еко-свест’. Бев дел од неа. Исто така, ангажирана беше ‘Проактива’ со претседателoт Владимир Карчицки – Кац. Со него учев во средно и постојано одевме до школо на велосипед. Многу ученици доаѓаа со велосипеди. ‘Тренди’ беше во четврта година да купиш кола, меѓутоа не доаѓаа сите со кола. Не дека никој немаше кола, не дека им плачевме на родителите да ни купат мерцедес, туку во градот можеш да го живееш убаво живот кога ќе се разбереш себе си. Не зборувам овде за искачување на Водно. Зборувам за урбан транспорт. Целиот проект беше идејата на алтернативен начин како до решение да не се возиме со кола, автобус, такси. Бидејќи пешки не може да се оди премногу долго и далеку, туку велосипедот да ви биде превозно средство“, вели Даскалов.

Нагласува дека за градско возење велосипед не треба повеќе од еднобрзинец. Некој тоа го вика „крш точак“. Да не ти биде жал ако ти го украдат. Но, за рекреација, треба добар велосипед, без да се штеди на него. Велосипедот да кореспондира со телото. Кога ќе се качиш точно да биде наместено седиштето. За женските гел-седиште да не болат коските, а за машките со дупка.

„Сите овие работи треба да ги знаете бидејќи велосипедот е многу опасен спорт. За машките и нивните другари, морате да им укажете дека целото притискање на простатата во подоцнежни години води кон воспалување и проблеми со простатата. Тоа е голем проблем и треба да се споменува. Не само за ‘Мовембер’“, потенцираше таа пред средношколците.

При правење на проектот, со Кац од „Проактива“ си рекле, џабе ќе зборуваме за велосипеди, кога немаме каде да ги возиме. Градот насекаде бил узурпиран од возила, канти за отпадоци, знаци, автобуски станици…. Со ваквата поставеност, вели таа, велосипедот не е ташна да го земеш на рамо и да се шеташ низ град.

„Врз основа на десетгодишната Стратегијата на Град Скопје за велосипеди од 2004 година, седнавме и го смислувавме проектот. Градот се задолжи за целосно обновување на големата делница од скоро 15-16 километри. Првата фаза беше Аеродром, втората фаза беше Центар, третата заврши минатата година со ‘Илинденска’. Оние кои учат во ‘Орце Николов’ знаат дека пред училиштето минуваат велосипедска и пешачка патека. Сето тоа е резултат на она што почнавме да го работиме 2007 година. Пред 10 години“, раскажува Даскалов.

Во центарот, таму каде што луѓето пешачат и каде можат да изнајмат велосипед, тогаш велосипедот треба да биде од внатрешна страна, не на улица. На автобуските постојки треба да има место за велосипеди. Тоа било во фаза 12.

„Ние го поделивме проектот – 15 фази, односно 15 години. Ние сега сме условно на фаза број девет, но минус три, бидејќи се’ што направивме ‘подзастана’“, вели таа.

Од презентацијата во просториите на „Go Green“

Размислувале и планирале и за интермодално поврзување. Тоа е можност за изнајмување велосипед на еден пункт, продолжување со автубус, потоа со друг транспорт… Изнајмувањето да биде и крај главните железнички и автобуски станици. Пример, пристигнувате од Битола, завршувате работа низ Скопје, па го враќате велосипедот и си одите дома со автобус или воз. Интермодалното поврзување, напоменува, е да се чувстувате комотни, а не спречени.

„Ако немате возило а има паркирани коли по сите можни тревници и тротоари, затоа што се ‘фраери’, вие никаде нема да стигнете. Нели, тоа е како да пиете кафе во ‘Броз’ и колата да ви стои тука, пред вас?! Не. Интермодалното поврзување го решивме како предлог во рамки на целиот тој проект. Градот има облик како колбас. Многу е тесен и е по должината на Вардар. За почеток, замисливме да има инфраструктура која може да ја обновиме и обележиме. Каде се наоѓа – од центар кога ќе тргнете накај Аеродром знаете дека по булеварот има велосипедски патеки. Од Центар до Ѓорче има велосипедски патеки. Ние тогаш направивме проект кој беше инвестиран од Холандска амбасада, а потоа Британска амбасада, за да во Аеродром ги поттикнеме сите веќе постоечки инфраструктурни можности“, вели Даскалов.

Да им ги вратат да ги користат велосипедистите. Не само за мајки што туркаат колички со деца, не само за баби со количката од пазар, туку и за велосипедисти.

Додека го подготвувавме проектот често пати одев низ Европа, и гледав примери како функционираат системите за изнајмување велосипеди. На пример, во Германија се custom made – велосипедите се направени само за определен град и функција. Не можеш да го украдеш, во него има GPS локатор. Ние не можевме да инвестираме во GPS локатор, бидејќи купивме велосипеди кои можат да се набават од било која продавница, единствено ги брендиравме. Во Париз исто така се единствени. Еден велосипед чини илјадници евра. Тежок е како мотор и не можете да го подигнете. Во Брисел, исто како и кај нас, сите велосипеди беа нумерирани. Но, немаме екранче, ‘panic-button’ да стиснеш ако паднеш. Сепак, не беа лоши самите велосипеди“, потенцира таа.

Пример дава и од Холандија. Познато е дека земјата на толеранцијата, лалињата и ветерниците, е единствена земја во светот со повеќе велосипеди отколку луѓе – 19 наспроти 17 милиони. Па, преку мрежата на независни консултатни КОЦКА, биле програмски поврзани со Амстердам. Патувале таму четири пати годишно.

„Приказната со велосипедот во Амстердам е дека многу тешко се изнајмува. Треба да оставите пасош, да чекате.. И тоа за ‘крш точак’. На градските велосипеди имаше натпис  ‘Порака го Германците – се уште не сте ни ги вратиле велосипедите’. Низ историјата со војните, кога дошле Германците таму, виделе дека е супер да возиш велосипед. Бидејќи биле окупатори им ги земале велосипедите. Сега Холанѓаните се уште чекаат да им ги вратат точаците“, вели низ смеа Даскалов.

Кога почнала да се реновира „Партизанска“, го стопирале проектот за патеките. Си рекле, да им понудат на граѓаните можност за 10 денари на час да изнајмат велосипед и да го користат за јавен транспорт. Во споредба, билетот за ЈСП тогаш беше 30 денари. Сакале да направат нешто кое ќе биде одржливо. На неколку пунктови низ градот ќе стават велосипеди, за да можеш да земеш од точка А и го вратиш на точка Б, на различен пункт. За време од еден час, за 10 денари, можеш да стигнеш од Геге до Центар.

Меѓувремено размислувале и за критериумите. Градски велосипед треба да има 21 точка. Со една брзина, спуштена средна рампа за да го „јавнат“ и машки и женски. Потоа, корпа – ако одиш на пазар да ставиш продукт. Исто така, да има и ѕвонче, мачкини очи за тркалата, предно и задно светло, и удобно седиште.

Со време се развила и идејата како треба да изгледаат држачи и паркинг-места за велосипеди. Да не се наруши  изгледот на центарот, а сепак да бидат покриени.

„Точно пред осум години, на 22 септември 2009 година, во Карпош го стартувавме целиот систем за изнајмување. Имаше само еден пункт во Карпош. Оставате лична карта, пополнувате барање, го земате и враќате на истиот пункт. Тест-периодот на проектот траеше една година, до 2010, потоа сите велосипеди со паркинг-местото им ги дониравме на Карпош. Договорот беше во следните пет години да ни водат евиденција колку од вработени штедат на општинско гориво и време за патување. Одат по состаноци, настани, има и курири. Според анализите, општините штедат многу ако ги поттикнат вработените да ги користат своите велосипеди“, вели таа.

Јулијана Даскалов

Се сеќава дека пред Коце Трајановски, градоначалник беше Трифун Костовски, кој во кампањата велел „Скопје ќе го направам како Виена. Сите ќе можат да изнајмуваат велосипеди“. Но, всушност, тоа не се случило.

„Кога дојде Трајановски, ние веќе имавме набавено велосипеди, седеа во магацин. Трајановски не не’ примаше. Бев револтирана. Секој од нас плаќа данок. И јас плаќам данок, од кој го плаќам цел сервис што се вика Град Скопје. Мнозинството изглегло на избори и сакало Трајановски да стане власт. И тој да ни биде менаџер на градот. Ако мнозинството го избрало, и го плаќа, не може точно девет месеци да не ме прима. Затоа земав шаторот и точакот од дома. Спиев две вечери пред Град Скопје. Доаѓаше полиција и ме легитимираше, почнаа и новинари да пишуваат и се ширеше веста. Бев сама, бидејќи сметав не ми треба поддршка од никого“, вели таа.

Едно утро, веќе на градоначалникот почнале да му зборуваат: „Една девојка спие овде…“.

„ОК, рече, дојди во пет часот. Спакував шаторот, отидов дома, се вратив во пет. Конечно тргна работата. Од тогаш почна проектот“, се сеќава Даскалов.

Моментот кога ги монтирале работите, запазувале одредени работи, бои, опрема… Внимавале на детали, на безбедносен аспект, во случај да удри гром. Биле печатени и промотивни маици со логоата на „Rent-A-Bike“.

„Градот Скопје е единствен субјект кој може да управува со јавен транспорт. Сакавме велосипедите да станат дел од јавниот транспорт, затоа склучивме договор со Градот. Тој не може сам по себе да оперира со нив, па ЈП ‘Градски паркинг’ беше најсоодветно да ги превземе. Првите две години заедно работевме преку јавно-приватно партнерство. Претпријатието е под капата на Градот, со свои вработени, 24-часовна служба. Веднаш до куќичката наплаќа за паркинг, каде е и системот за изнајмување. Луѓе што паркираат со билетот да имаат еден час бесплантно возење велосипед. Преку ‘Изнајми велосипед’ даваа и бесплатно флоуросцентно елече, клуч, шифра за заклучување. Имавме и двојазични македонско-англиски табли, така пропишува Законот за сообраќај“, вели таа.

Целиот проект преку ОН финансиски го менаџирал Глобалниот еколошки фонд. Бил одобрен директно од Њујорк, а овде морало некој да ги чита домашните извештаи, да го следи напредокот итн.

„На денот на самото отворање, од Град Скопје дојдоа, се качија на велосипед и провозеа низ центарот. Системот стартуваше јуни 2010 година. На располагање беа седум пункта – главниот во центар, потоа Карпош, трет кај фабриката Треска, четвртиот кај Воена болница, петтиот беше кај Градска болница кај Собрание, шестиот пунк кај стоковната ‘Илинден’, а седмиот кај ТЦ ‘Бисер’ во Аеродром. Вкупно 273 велосипеди распоредени на седум пункта. За седум години од 2010 до сега, од 200 и кусур велосипеди сега има нула велосипеди, и нула систем!“, нагласува Даскалов.

Според неа, целиот систем функцинирал до летото 2012 година. Наредните пет години како што велат од Градот „на свечен начин го предадале“. Даскалов би рекла „на тешко срце“.

„Дотогаш имавме пари да ги плаќаме сервисите за велосипедите. Ниту еден нема да функционира ако не го сервисирате. Сервисот е едноставен. Го вадите, перете, подмачкувате и возите. Толку. Нема стакла, разна опрема и машини. Во 2012 проектот целосно се ‘исцица’, па наоѓавме и приватни фирми да инвестираат. Но, дадовме и препорака, ги убедивме градските власти преку Советот на Град Скопје да се издвојуваат пола милон денари годишно за обновување и сервисирање на ‘Изнајми велосипед’“, вели таа.

Не биле многу пари. Но, се работело за систем кој функционира пола година, од 1 април до 1 октомври, иако се бореле овој период да биде подолг.

„Парите ги добија во 2013 години. Не отворија тендер за набавка на велосипеди. Во 2014 добија уште пола милион денари. Инсистиравме да бидеме викнати на седнаца на Совет на Град Скопје каде правашавме зошто се дадоа 1 милион денари, а не се купи ниту еден велосипед?! ‘Градски паркинг“, кој се уште стопанисува со системот, во 2014 година направи тендер и купи нови 50 велосипеди. Новите беа кинески, тробрзинци. Последниот функционален го евидентиравме по три месеци. Сите беа демолирани. Во 2015 година добија уште пола милион, а решивме да го прекинеме проектот откако дознавме дека ‘Градски паркинг’ практично ги покрива загубите, а не инвестира во ‘Изнајми велосипед’. Тука заврши приказната. Немавме веќе никакви желби да работиме, бидејќи не наоѓавме причини, ниту соодветно решение за да соработуваме со Градот“, се сеќава Даскалов.

На крајот од презентацијата, повторно на младите им дава мотив да бидат активни. Да се борат за вело-патеки, за правото за непречено движење на јавен простор. Да бидат буден учесник во процесот за развивање на нов вело-систем, функционален за сите.

„Видете, своевремено пунктовите навечер беа празни. Сите ги користеа велосипедите. Луѓето постојано ги земаа. Идејата е да се користат и за излегување во град. Системот да работи 24 часа, затоа и беше сместен на местото каде има градски паркинг. Одам, си го земам, си го враќам и не се секирам. Да го вратиме тоа“, нагласи Даскалов.

Бојан Шашевски