Прифатена еколошката платформа на „Во одбрана на Дебар Маало“, активистка носител на советничка листа во Центар

Платформата која води кон поквалитетен живот и која дава план како да се сопре урбанистичкото и еколошкото дивеење, а која што минатата недела ја објавивме како наш услов за поддршка на евентуален кандидат за градоначаник на Центар досега на еден ден пред истекот на рокот за кандидирање ја прифати само СДСМ, соопштуваат од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.

На состанокот кој бил одржан на 12 септември со претставници од СДСМ Дамјан Манчевски и Саша Богдановиќ, на претставниците од „Во одбрана на Дебар маало“ им било гарантирано дека платформата се прифаќа во целост и ќе биде дел од нивната програма за локалните избори.

„Претставниците на СДСМ изразија подготвеност член на граѓанската иницијатива да биде носител на листа за советници за општина Центар како независен кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. Бидејќи СДСМ беше единствената политичка сила што ни пријде и даде гаранции дека нашата платформа ќе се спроведе, Во одбрана на Дебар маало го прифати овој предлог и ќе ја поддржи Јана Белчева Андреевска како независен кандидат на листата на коалицијата предводена од СДСМ“, велат од иницијативата.

Од таму потенцираат дека „Во одбрана на Дебар маало“ останува непартиско здружение отворено за соработка со сите политички субјекти, неформални и формални граѓански здруженија и индивидуалци кои ги споделуваат нивните вредности искажани во платформата со заедничка цел за Здравјето пред профитот.

„Во одбрана на Дебар маало е граѓанска иницијатива формирана во 2015 од жителите на Центар кои живеат во Дебар маало и околината со единствена заедничка цел – унапредување на квалитетот на животот во малото и градот. Нашиот член кои ќе биде предложен како независен на листата на коалицијата предводена од СДСМ ќе продолжи транспарентно да дава отчет на своите сограѓани за спроведувањето на платформата“, соопштува иницијативата.