Презентација на резултати од регионалното истражување за состојбата на младите во медиумите

Младински образовен форум (МОФ) и Метаморфозис ќе одржат прес конференција за презентација на резултатите од неколкумесечно истражување за состојбата на младите во медиумите во 11 земји од регионот која ќе се одржи на 7-ми февруари 2014 (петок) со почеток во 11:00 часот во кино Фросина, Младински културен центар.

Презентација на резултати од регионалното истражување за состојбата на младите во медиумите

МОФ и фондацијата Метаморфозис, во соработка со партнерите од регионот, спроведоа истражување кое имаше за цел да ги истражи позицијата и вклученоста на младите во медиумите, како и нивните потреби. Покрај во Македонија истражувањето се спроведуваше и во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Албанија, Србија, Грција, Бугарија и Турција. Истражувањето е спроведено на популација од млади лица, младински организации, медиуми и медиумски организации.

Во Македонија истражувањето покажа дека младите најмногу ги користат социјалните медиуми за сите активности, но сепак сметаат дека и традиционалните медиуми се релевантни во одредени области. Истражувањето покажа дека соработката меѓу младите и медиумите не е на високо ниво, а причините се бидејќи ни двете страни немаат направено посериозни чекори за воспоставување односи со другата група.

Истражувањето, методологијата и клучните резултати ќе бидат презентирани во повеќе детали на прес конференцијата од Сања Божовиќ и Моника Божиноска.

Прес-конференцијата ќе го отвори настанот е-Општество: Млади и медиуми, кој се одржува на 7 и 8-ми февруари во Младински културен центар, Скопје.

Настанот е-Општество: Млади и медиуми е отворен, креативен и интерактивен простор што нуди информации и овозможува дискусија, разни активности и вмрежување. Дводневната агенда на е-Општество: Млади и медиуми вклучува 20 говорници, 10 интерактивни работилници, 2 панел дискусии со 10 гости, 4 филмски проекции и 5 реномирани ДЈ која нуди интересна содржина за секој млад човек, активист, новинар и граѓанин.