Претставата „А што потоа“ вечерва во Џебно кино на МКЦ

Во Џебното кино на Младинскиот културен центар вечерва со почеток од 20 часот ќе се одигра претставата „А што потоа?“.

Претставата е во режија на Драгана Гунин, а играат актерите:  Бојан Лазаров, Јанка Лефкова, Нина Максимова, Марјан Наумов, Дарко Ристовски, Благојчо Стојанов, Емине Халил.

„А што потоа?“ зборува за жртвите од терористичките напади и војни, конкретно војната во Сирија.

Како локации за обработка се земени градовите: Париз, Берлин, Анкара, Брисел, Истанбул, Ница и Дамаск (секаде каде што се случил напад).

„Знаејќи дека во изминатава година има скоро три илјади терористички напади во светот со илјадници жртви, а многу ретко се зборува и се посветува внимание на тоа, решивме да ги земеме нападите кои нам ни беа познати (од 2015 и 2016 година, секако не сите) и решивме да ги истражиме малку повеќе со тоа што не ги игнорираме и нападите за кои воопшто не бевме слушнале.

Ова е приказна од луѓе за луѓе. Ова е приказна за сите кои престанале да живеат затоа што некој сметал дека е паметно без причина да одземе туѓ живот. Ова е приказна за луѓе кои можевме и можеме да бидеме“, велат од театарската екипа.

Претставата ја имаше својата премиера на 11-ти април. Текстот за претставата го напишаа глумците заедно со режисерката Гунин. Самиот текст е инспирација од вистински случки и луѓе кои починале во еден од терористичките напади.

Целата претстава е ставена во рамки на документарен театар, кој пред сè има за цел да раскаже вистински настани, да го продлабочи новинарското истражување и да направи приказна која ќе остане како сведок на едно време што се случило а за кое многумина избираат да не зборуваат.

Претставата содржи вознемирувачки материјал и не се препорачува за лица помлади од 14 години.