Преполни киносали на отворањето на „Хотел Синедејс“

Со филмот „Три дена во септември“, синоќа официјално започна новото издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Преполните киносали го одбележаа отворањето на „хотелските соби“ на фестивалот, кој годинава по 14-ти пат ќе понуди богата програма до 21 ноември.

„Синедејс“ оваа година го отвори филмот на Даријан Пејовски и Игор Иванов „Три дена во септември“, филм што е во селекција за една од наградите во Официјалната програма. Главните улоги ги толкуваат Камка Тоциновски и Ирена Ристиќ.

Во киното „Фросина“, пак, беше прикажан музичкиот документарен филм „Страста и звукот во Западен Берлин (1979-1989)“ со Mark Reeder, сценарист и главен протагонист во овој филм, кој по проекцијата имаше интересен разговор со публиката и имаше свој диџеј сет во бифето на МКЦ.

На „седумте ката“ на „Хотел Синедејс“ ќе се прикажат повеќе од сто филмови, селектирани во повеќе програми, меѓу кои гала премиери, филмови од земјите на фокус, кратки и балкански филмови.

Вечерва ќе се прикажуваат филмските дела на режисерите Томас Винтерберг, Лоренцо Вигаси и Вања Свиличиќ. Целата програма на фестивалот може да ја погледнете овде.