Премрзнати пред своето училиште, битолските средношколци одржаа прв пленум

Премрзнати и под отворено небо во дворот на економското училиште, синоќа битолските средношколци го одржаа првиот Средношколски пленум. На него беше договорено да се формираат интерни пленуми во секое средно училиште во градот, како и работни групи во кои ќе се прават детални анализи за проблемите во образованието.

Иако беше најавен, присутните на Средношколски пленум наидоа на затворени врати во СОЕУ „Јане Сандански“во Битола.

„Бевме принудени пленумот да го одржиме на отворено, во ноќно време и на ниски температури пред самото економско училиште затоа што претходно поднесеното барање за просторија до директорката ни беше одбиено со изговор дека „нема нафта за парно„ и „нема одговорно лице“, вели Емилија Ристевска, ученик во гимназијата Јосип Броз Тито – Битола.

Освен учениците, на пленумот присуствуваа средношколци, членови на Студентски и Наставнички пленум кои дискутираа за проблемите во средното образование и за идните чекори и планови за дејствување. Тие најавија дека се уште не е одлучено дали ќе се бојкотира наставата, како и дека во најкраток рок ќе ги дефинираат и соопштат конкретните барања на Пленумот.

„ Премрзнати, ама со желба да бидеме слушнати, навлеговме во суштината на проблемите , па за најкраток рок ќе ги соопштиме и нашите барања“, велат битолските средношколци.

Леила Фетовска