Премиерен настап на метал групата Sinister на Д фестивал

Оваа година во склоп на тридневниот Д фестивал, ќе има програма и за вљубениците на метал и хардкор музиката. На самото отворање на фестивалот, во петок, 14-ти јули Москито бината ќе биде резервирана за D-XTREME програмата која се реализира во соработка со Terrorvoid Promotions, организацијата посветена на промоција на метал музиката на македонската андерграунд сцена.

Како резултат на оваа програма, премиерен настап во Македонија ќе има култниот бенд SINISTER – еден од најголемите бендови на андерграунд дет-метал сцената. Неуморниот состав од Холандија доаѓа на Д Фестивал со својот најнов албум „Syncretism. Со вкупно 13 студиски албуми зад себе, повеќе од 25 години кариера и безмалку исто толку членови кои се запишаа во составот на бендот низ годините, SINISTER имаат безброј настапи ширум планетата и турнеи со големите имиња од метал сцената како Suffocation, Cannibal Corpse, Deicide, а се запишаа во листата предводници на сите релевантни метал фестивали низ светот.

Ним ќе им се придружат и младите претставници на македонската метал и хардкор музичка сцена, бендовите TRENDKILL, SHOCK TROOPERS и SHELL SHOCK.

ТRENDKILL е бенд кој постои на македонската сцена од 2010 година, а е оформен од браќата Дамјан и Симеон Јаневи (гитара и тапани), како и Милош Дејановиќ на бас и Даме Стефановски на вокали. Во своите почетоци свират groove metal/hardcore тип на музика и во 2014 го издаваат своето ЕП насловено „Nothing to Prove“. Веќе следната година го издаваат својот деби албум, „Colors of Self“ за македонската издавачка куќа „Мрак Рекордс“. По издавањето на овој албум Даме и Милош го напуштаат бендот, а на нивните позиции доаѓаат Калин Марковиќ Масниот на вокали и Никола Силјаноски на бас. Во почетокот на оваа година го издаваат своето второ ЕП насловено „Приградски Хардкор“, овој пат во дигитален формат кој самостојно го издаваат, а во моментот работат на нивниот втор албум.

SHELL SHOCK е треш метал состав од Источна Македонија (Струмица, Радовиш, Делчево) формиран од страна на гитаристите Костадин Костадинов и Коста Петрески во јануари 2015 година. Нивната инспирација главно се темели врз делата на треш великаните Kreator и Testament. Набрзо потоа им се приклучија Јован Вучков (бас), Славчо Митров (вокал) и Блаже Атанасов (тапани). Човекот како општествено битие и неговата алчна и сурова природа се главни теми на нивната критика, а војната, која го следи човештвото од самиот почеток и последиците од неа се водечка тема и основна идеја на бендот. Бендот во моментов го финализира материјалот за својот деби албум.

На Москито бината во петок ќе се претстави и скопско-кочанската екипа SHOCK TROOPERS.

Д фестивал ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран, а само во рамки на музичката програма на Фестивалот, своите настапи досега ги потврдија повеќе од 40 изведувачи.