Премиера на „Солун, град на духови“ од Слободан Унковски вечерва

Вечерва, со почеток од 20 часот во Музејот на холокаустот на евреите од Македонија, премиерно ќе се прикаже претставата „Солун, град на духови“. Претставата е во режија на Слободан Унковски, а текстот е од Русомир Богдановски, инспирирано од истоимената книга на Марк Мазовер.

Драмската екипа е составена од Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников, Владимир Петровиќ, а музиката е авторско дело на Златко Ориѓански.

Хрониката „Солун, град на духови, христијани, муслимани и евреи 1430 –1950“ од светски познатиот историчар и професор Марк Мазовер, е објективна хроника на животот и случувањата во текот на пет века. Опфаќа период од турското освојување на Солун во 1430 година па се до депортацијата и холокаустот на 45.000 солунски евреи во логорот Аушвиц.

Претставата е направена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и на Музејот на холокаустот на евреите од Македонија.

„Солун, град на духови“ е првиот дел од трилогијата која ќе ги опфати и „Лерин – полиња жито, ридишта крв“ во 2015 година и „Скопје – Скопје“ во 2016 година.

Репризата ќе биде во сабота, а билетите се достапни на влезот на Музејот на холокауст на евреите од Македонија.