Премиера на филмот „Карма“ на Владимир Митревски на „Скопски филмски фестивал“

Продуцентската куќа КРУГ ФИЛМ, во рамки на затворањето на Скопскиот Филмски Фестивал, вечерва премиерно ќе го претстави краткиот игран филм „КАРМА” во режија на Владимир Митревски. Премиерата е закажана за 20 часот во киното Милениум.

„КАРМА” е кратка приказна за неколку човечки судбини кои меѓусебно се преплетуваат, се вели во описот на филмот. Централна фигура е Боби (Димитрија Доксевски) млад човек и татко, чие дете боледува од тешка болест. Неговата цел е по секоја цена да обезбеди средства за да може да го спаси својот син и поради тоа прифаќа да учествува во грабеж на банка, воден од неговите пријатели Мичо (Милан Тоциновски) и Бугар (Аксел Мехмед), сметајќи дека тоа е единствениот начин за излез од ситуацијата во која се наоѓа.

Останатите улоги ги толкуваат Симона Спировска, Дениз Абдула, Александар Михајловски, Ненад Нацев, Владимир Петровиќ, Симон Манасковски, Калин Крајчевски и Владимир Митревски.

Продуцент на „КАРМА” е Дејан Крајчевски, директор на фотографија Наум Доксевски, монтажер Филип Грчевски, дизајнер на звук Зоран Поповски, сценограф Мартин Спасовски, костимограф Раде Василев и шминкер Мартин Павловски.

Филмот е  поддржан од Агенцијата за Филм на Република Македонија, а како копродуценти се јавуваат: Факултетот за драмски уметности од Скопје, Video House, Light Production, Аудио Хаус, Pigmento Studio од Скопје, како и  Living Pictures од Белград.