Преку клиентелизмот медиумите станаа „бара со крокодили“

„Медиумите во Македонија станаа мала бара, која политичарите само ја стеснуваа и ја полнеа со крокодили“. На овој начин, сликовито ја опиша медиумската сфера новинарот Петрит Сарачини, откако беше објавен новиот индекс за клиентелизмот во медиумите, според кој Република Македонија забележува пад во споредба со минатата година.

Според индексот, кој се мереше во шест држави од балканскиот регион, Македонија се наоѓа на четвртото место. Пред неа се Хрватска, Србија и Црна Гора, а полошо стојат Романија и Босна и Херцеговина. Генералниот заклучок од истражувањата е дека клиентелизмот во медиумите е влошен во сите шест земји во кои се истражуваше.

Клиентелизмот претставуваат услугите и против-услугите кои меѓусебно си ги даваат медиумите и политичките и економските центри на моќ. Индексот, врз основа на податоците, ги мери политичките влијанија врз медиумите, постоечката регулативна рамка, институционалната поставеност, како и реалноста во која работат медиумите и новинарите од Југоисточна Европа. Истражувањето покажува дека во сите случаи, станува збор за заробени медиуми кои, во значаен дел, се контролирани од страна на различни политички економски и финансиски интереси.

Висината на платите е само еден од факторите кои доведуваат до клиентелизам во медиумите. Македонија е на дното кога се споредуваат просечните плати, како и платите кои ги примаат новинарите во овие шест држави.

„Состојбата во новинарството во Македонија е толку очајна, не само во етичките и професионалните стандарди, туку и во социо-економски контекст. Работа има. Во било кој медиум можете да тропнете на врата и да најдете работа, но платите се толку ниски, па вистинските новинари, обучени за тоа, не сакаат да влезат и да се мешаат во својата професија. Тоа отвора простор некој друг да се меша во таа работа. И било кој, што сака да стане јавна личност, а е спремен да служи на некои центри на моќ, лесно може да допре до екранот и до публиката“, рече Сарачини од невладината „Цивил“.

Тој го посочи и свежиот пример на медиумите и ад-хок телото кое ги контролираше во предизборниот период. Според Сарачини, медиумите кои го сменија своето однесување, веднаш по завршувањето на работата на ова тело, повторно се вратија на старата уредувачка пракса.

„Тоа ни покажува две работи: прво, дека знаат како се работи новинарство, а второ, ни покажува јасно, брутално и експлицитно дека тие редакции се купени и ако нема притисок на законот, институциите и граѓаните тие ќе се вратат и ќе го артикулираат партикуларниот интерес“, вели тој.

Во споредба со минатата година, земјите бележат пад во достапноста и квалитетот на податоците, додека клиентелизмот и политизацијата на медиумите во набљудуваните општества, повеќе е правило отколку исклучок.

„Најголемиот недостаток кој го прикажува индексот е дека општеството и граѓаните не се во состојба да ги сфатат и препознаат клиентелистичките практики, а детектирани се и недостатоци во транспарентноста на сопствеништвото на медиумите и нивното финансирање“, рече Маја Раванска од асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ која го спроведуваше истражувањето.

Мирче Адамчевски, од Советот за етика на медиумите не е изненаден од влошувањето на состојбата кое го покажува овој индекс. Врвовите на клиентелизмот присутен во македонските медиуми постојано се наѕира разгледувајќи го нивното етичко работење, вели тој.

„Сме имале текстови во кои човекот кој се жали кажува дека има одредено неетичко однесување од одредени медиуми. По разгледувањето ние гледаме дека во целиот контекст, зад таа приказна стои некоја политичка сила. Клиентелизмот го има на секаде, но разликата е што во други земји, кога државата ќе утврди клиентелизам државата го санкционира, а овде никој не санкционира ништо, туку некои медиуми се гордеат што се во клиентелистички однос со политиката“, истакна Адамчевски.

Тој го коментираше и известувањето на медиумите во предизборниот период во земјава.

„Можеби квантитативно имаше избалансираност, но ако се влезе во анализа на тоа како квалитативно беа презентирани тие информации мислам дека не беа ништо подобрени“, посочи.

Во рамките на настанот беше отворена и изложба на постери „Artvertizing For Fairpress”, продуцирана од Здружението „Иницијатива за независен културен активизам“, ИНКА, која ќе биде отворена до 28 декември во просториите на ЕУ Инфо центарот.

Ова е втора година како се мери индексот на клиентелизам во медиумите. Податоците истовремено беа презентирани во шесте земји покриени со ова истражување. Преку него, информираа организаторите, се опфатени сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи, како Фридом хаус или Репортери без граници.

Даниел Евросимоски