Предновогодишен протестен настан „Го сакам ГТЦ“

На 28-ми декември (недела) со почеток од 19 часот на влезот од ГТЦ кон Плоштад Македонија ќе се случи голем предновогодишен протестен настан под мотото „Во Новата година со стариот ГТЦ“.

Вечерта на 28-ми граѓаните со своето присуство ќе покажат дека на ГТЦ треба да му се посвети вниманието кое го заслужува и да се зачуваат неговата посебност и квалитети.

Организаторите најавуваат дека на настанот ќе има јавни говори, музика, а присутните ќе направат жив ѕид околу ГТЦ. За важноста на овој објект ќе зборуваат: Даница Павловска Циги, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, Мартин Гулески, Донка Барџиева Трајковска, Василка Димитровска и Томислав Османли.

Музичка поддршка ќе дадат: Ана Костовска, Лева Патика, Мирко Попов, The Џака Накот, Костадин Шурбановски, Збир од Скопски анонимни музичари.
Настанот ќе го водат: Огнен Јаневски, Марин Бабиќ и Сања Арсовска.

„Постојат моменти кога ние, мирните и обични граѓани на Скопје, мора јасно и гласно да го искажеме нашиот став. Дојден е моментот во кој треба да покажеме дека ние пресудуваме за иднината на градот и за нашата иднина во него. Ве повикуваме на заедничка акција за зачувување на архитектурата, карактерот и духот на нашиот Градски Трговски Центар – ГТЦ, затоа што секоја негова несоодветна промена е сквернавење и на нашите спомени и лични истории “, порачуваат  организаторите на настанот.

Серијата настани во склоп на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ започна во јуни 2013-та година како реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила препознатливата архитектура на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро.

Поттикнати од најавите за започнување на затворањето и преобликувањето на ГТЦ во февруари 2015-та година, иницијативата Го сакам ГТЦ продолжува низ различни форми на креативно изразување, јавно говорење и институционални реакции да го искажува својот став за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар.