Предизборните трошења засилуваат, Владата најголем oгласувач

Предизборните трошења засилуваат. Владата и натаму е најголем огласувач, но дел од министерствата и агенциите кои располагаат со најгломазни буџети, нудат и најмалку инфрмации во огласите и објавите. Дури 73 проценти од државните објави не содржат финансиски информации. Ова се само дел од наодите во најновиот јануарски извештај за предизборни трошења што го направи Центарот за економски анализи, објави Порталб.

Раст на трошењата за плати, стоки и услуги

Дури три четвртини од објавите во јануари се направени од Владата, покажува Извештајот за следење на буџетските расходи во предизборен и изборен период што го израбтија Центарот за економски анализи и Транспаренси интернешнал.

„Доминантен број, односно три четвртини од објавите овој месец се направени од Владата на РМ. Во споредба со месец декември, бројот на објави на буџетските корисници е значително намален, а бројот на објави на Влада на РМ е останат скоро ист во споредба со претходниот извештаен период“, се посочува во анализата.

Трендот на засилено трошење е регистриран веќе од третиот квартал лани, кога се забележува значајно зголемување на трошоците за стоки и услуги, трансферите и издашноста на буџетот за плати.

„Од анализираните податоци за платите и надоместоците за 2015 интересно е да се укаже на констатацијата дека скокот на расходите за плати и надоместоци, посебно во третиот квартал од 2015 е најголем, споредено со еден подолг претходен период (почнувајќи од 2008), иако трендот на нивно зголемување почнува некаде кон средината на 2013 година. Интересно е да се укаже на констатацијата дека скокот на расходите за плати и надоместоци, исто така посебно во третиот квартал од 2015, е најголем во целиот набљудуван период почнувајќи од 2008 година“, констатираат од ЦЕА и Транспаренси интернешнал.

Според аналитичарите, растат предизборните трошења, но не и транспрентноста во објавите. Само 5% од вкупниот број државни објави содржат анализа и објаснување на планираните или реализираните активности кои се предмет на објавата. Само скромен дел од објавите или 12% во месец јануари 2016 вклучуваат информации за изворите на средства, додека само во 10 % од објавите се содржат податоци за програмите/стратегиите/плановите врз основа на кои го најавуваат или реализираат објавениот проект.

Мал број од вкупните објави на Влада и на буџетските корисници содржат финансиски податоци за направените, планираните инвестиции или за објавите во кои се најавува нова инвестиција, Владата која има најмногу објави под 30%. Истите уште помалку содржат аналитичко елаборирање на планираните/ реализираните активности. Скромен дел од објавите вклучуваат информации за изворите на средства, како и програмите/стратегиите/плановите врз основа на кои го најавуваат или реализираат објавениот проект. Значително е намален бројот на вкупните објави на веб страниците на буџетските корисници“, се посочува во јануарскиот извештај.

Дел од министерствата и агенциите кои располагаат со најголеми буџет, имаат и најголеми слабости во однос на објавување на целосни информации.

„Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во ниедна од своите објави не вклучиле финансиски, податоци и аналитика за објавените активности. Додека во Министерството за труд и социјална политика и Министерството за транспорт и врски дури во 80% од објавите нема наведено финансиска конструкција и други квантитативни и квалитативни податоци за најавените активности“, велат од ЦЕА и Транспаренси интернешнал.

Двете инститиуции најавија дека во овој период на избори, врз основа на методологија ќе ги следат трошењата од државниот буџет, од страна на локалните власти и јавните претпријатија.

„Доколку има зголемување на субвенционирање на камати, субвенционирање ранливи категории граѓани, бесплатни бањи итн., нема да навлегуваме во делот на легитимноста за поставување таква политика туку фокусот ќе ни биде во тоа дали е тоа планирано во буџетот на РМ или е „ад хок“ решение, кое понатаму ќе води кон намалување на фискалната дисциплина“ изјави Марјан Николов, Центар за економски анализи.

Во досегашните изборни цисклуси, според Слаѓана Тасева од ТИ, сме имале бројни примери кога биле констатирани неправилности и нерегуларности, особено во делот на финасирање на политичките партии, но тие слуачи завршувале без разрешница.

„Од досегашното искуство веќе видовме дека извештаите на политичките партии секогаш се во согласност со законот. Потрошиле толку колку што било предвидено, а нашите следења покажуваат дека тие трошат значително повеќе и дека често се јавуваат финансирања од непријавени извори или донации кои не се прикажуваат како такви“, оценува Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнл Македонија“.

Досегашната пракса покажа дека во секоја изборна година се зголемуваат и задолжувањата, односно планираниот буџетски дефицит не успева да го издржи притисокот  од изборниот процес, при наплив на зголемени трошења. Според последните податоци што ги објави дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов, во период од јануари до средината на февруари буџетскиот дефицит се приближи до 30% од вкупно планираниот дефицит за оваа година.

Економска анализа е преземена од Порталб.мк.