Предавање за современата уметност со Вероник Субен

Францускиот институт во Скопје, галеријата Остен Скопје и Делегацијата на Европската унија организираат предавање со Вероник Субен, директорка на Регионалниот фонд за современа уметност на Нормандија (FRAC) и експерт по уметност и дизајн, на тема „Современата уметност преку изложбите на Регионалниот фонд за современа уметност на Нормандија Руан“.

Настанот ќе се одржи во петок, 13 октомври, со почеток во 19 часот во ЕУ инфо центарот.

Субен е историчарка на уметност и кураторка, од 2010 година наваму е директорка на Фондот за современа уметност на Нормандија Руан. Претходно соработувала со бројни културни институции во Франција и Германија, како што се Центарот Помпиду, Националната галерија Ној во Берлин и Центарот за уметност во Мејмак.

Од 2003 до 2005 година, заедно со Јан Хо, активно работат на идејниот дизајн и основањето на музејот Марта Херфорд во Германија. Во 2005, таа ја дизајнираше изложбата на отворање на музејот „моите (приватни) херои”. Од 2003 до 2007 година, Субен организира разни изложби со уметници како што се Марина Абрамовиќ, Паскал-Мартин Тају или на дизајнерското студио Фогт + Вајзенегер.

Во Франција, од 2008 до 2009 година, ја реализира изложбата „90 минути”, којашто ги опфаќа уметничките дела на Фондот на современа уметност на Франш-Конте. Во 2010 година, Субен ја презема директорската функција на Фондот за современа уметност на Нормандија Руан. Таа ги иницира првите монографии во Франција на уметниците Дарен Алмонд, Мајкл Сајлсторфер и Ан Колие и разви програма во којашто фотографијата, делата на уметниците на хартија и книгите играат клучна улога.