Предавање на режисерот Владимир Блажевски за автентичноста на филмот

Студентскиот Парламент при Факултетот за драмски уметности – Скопје организира предавање кое ќе го предводи професорот и режисер Владимир Блажевски на тема „Наративна брзина и автентичност во уметничкиот филм“.

Предавањето ќе се одржи утревечер (вторник, 20 октомври), во бифето на факултетот, со почеток од 20 часот, а ќе биде проследено со проекција на номинираниот за оскар и добитник на „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал, филмот на Александар Петровиќ „Собирачи на пердуви“ (1967).

Блажевски е филмски и ТВ режисер и сценарист. Тој завршил режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Од 1981 до 1993 работи како уредник на филмската програма во Студентскиот културен центар во Белград, потоа се враќа во Скопје и работи на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Добитник е на повеќе меѓународни награди за неговото творештво вклучително и „Златна арена“ за режија на Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула (1987) за филмот „ХАЈ-ФАЈ“ како и „Кристален глобус” за најдобар филм во програмата „Исток на Западот“ – Меѓународен Филмски фестивал Карлови Вари, Република Чешка (2011)

Попознати филмови на кои има работено се „Панкот не е Мртов“ 2011 (сценарио, режија), „Kineska Pijaca“ 2001 (ко-сценарист, ко-режисер), „Булеварот на Револуцијата“ 1992 (сценарио, режија), „ХАЈ ФАЈ“ 1987 (режија), „Автоматика и мерни системи“ 1980 (режија), „Srecna Nova Godina“ 1978 (режија), a се појавува и како сценарист на филмовите „Големата Вода“ 2004 и „Џипси Меџик“ 1997 година.