Правописот на македонскиот јазик конечно е онлајн достапен

Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ ја претстави бесплатната електронска верзија на македонскиот Правопис која од денеска може да се најде на www.pravopis.mk.

На оваа веб-страница, граѓаните ќе можат бесплатно да ги најдат правописните правила, односно правописот на самогласките и согласките, употребата на голема буква, слеано и разделено пишување на зборовите, делење на зборови, интерпункциски знаци и правописни знаци, како и скратеници и транскрипции.

Сепак, се нагласува дека електронската верзија е достапна исклучиво за некомерцијални потреби. Копирање, размножување и продавање е строго забрането.

Во изминативе години Правописот беше достапен единствено во печатена верзија. Но, тоа не ги спречи граѓаните да го скенираат и да го прикачуваат на разни онлајн платформи со цел негова поширока достапност.

Сега, овој потег се наведува дека е резултат на иницијатива на Владата на Република Македонија, Министерството за култура, издавачката куќа „Култура“, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Редакцијата на второто проширено издание на Правописот.

Последните изданија на Правописот на македонскиот литературен јазик беа објавени во декември 2015 година и март 2017 година, со што се осовремени неговата последна верзија направена речиси две децении претходно, почитувајќи ги претходните изданија на неговите први составувачи, Блаже Конески и Крум Тошев  во 1945 година, како и подоцнежните кои следуваа: Божидар Видоески, Тодор Димитровски, Кирил Конески, Крум Тошев и Радмила Угринова-Скаловска.

Во издавањето на последното издание на Правописот учествуваа Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“.

Второто издание претставува колективен труд, во чија работа учествуваа вкупно 48 автори, специјалисти во своите области водени од редакцијата во состав: д-р Живко Цветковски (претседател), д-р Снежана Веновска-Антевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар и д-р Симон Саздов.