Пратениците изгласаа употреба на гумени куршуми, шок бомби и електрични парализатори

Со 59 гласа „за“ и со три „против“, пратениците, вчера ги изгласаа измените и дополнувањата во Законот за полиција. Со нив полицијата доби законска основа со којашто се дозволува користење на гумени куршуми и други средства во случај на насилни протести.

Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, се менува членот 91 со што, при воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, полицискиот службеник е овластен да упати наредба на група лица да се разотидат. Ако групата не го направи тоа, дозволена е употреба на гумени куршуми, електрични парализатори и шок – бомби.

Досега за воспоставување јавен ред и мир можеше да користи физичка сила, палка, хемиски средства, водени топови и службени кучиња. Со новите измени, полицијата при постапување со граѓани ќе може да врши и видеонадзор. Овие снимки полицијата ќе ги користи во случај граѓани да се жалат за незаконско постапување на полицијата.