Повик за волонтери на Скопје Креатива

Фестивалот за креативни индустрии „Скопје Креатива 2015“ кој годинава се одржува од 16 до 20 септември, објави отворен повик за волонтери. Фестивалот има потреба од млади, енергични и дружељубиви волонтери кои имаат желба да се дружат со студенти од регионот, со млади дизајнери и бизнис професионалци и бидат дел од овој меѓународeн настан.

Од волонтерот се очекува да има интерес за дизајнот и сродните области и разбирање на други култури.
Волонтерскиот ангажман е предвиден во период 13-21 септември. Орагнизаторот за секој волонтер ќе обезбеди бесплатно користење на јавен транспорт (автобус, воз), оброк и пијалок, сертификат, незаборавни искуства, дружење и забава.

Скопје Креатива е отворен за соработка за сите старосни групи, сите полови, раси и религии, за сите оние кои се спремни за нови предизвици и стекнување на ново искуство, а пред да уживаат во дружењето со млади креативни и интернационални дизајнери, да откријат нови можности кон професионална надоградба и да стекнат скапоцено искуство. Сите заинтересирани за волонтери може да се пријават на info@kongresencentaram.mk со назнака *за волонтер.

Годинава фестивалот се одржува под мотото „Скопје – мојот град!“. Во четирите фестивалски денови ќе се одржат презентации, предавања, работилници, панел дискусии, форуми и дебати. Посетителите ќе имаат можност да учествуваат на настани поврзани со филмски и видео перформанси и театар, додека во вечерните часови ќе може да уживаат во музика.