Повик за волонтери на „МакеДокс“

Еднаш на „МакеДокс“ – засекогаш на „МакеДокс“, вели пораката упатена до идните кандидати за волонтери на овој интернационален фестивал за документарни филмови. Фестивалот објави повик за волонтери од 8 до 88 години.

Оваа година „МакеДокс“ го одбележува своето осмо издание. Оние кои имаат вишок енергија, желба за дружба, а при тоа и сакаат да гледаат документарци, може да се пријават на  volonteri@makedox.mk најдоцна до 15 јули.

„Најголем број од луѓето кои моментално работат на фестивалот почнале баш како волонтер(к)и. Од овде ги поздравуваме и им се заблагодаруваме на сите кои до сега искрено вложиле макар и грам од своето време, минута искрена посветеност и труд“, велат од „МакеДокс“.

„Нам навистина ни се потребни волотнер(к)и. Имаме навистина конкретни задачи за нив, и навистина го почитуваме волонтерското залагање. И ги третираме како подеднакво важни. Гледаме да се насмеани, најадени и напиени. Не дозволуваме да седат на цименто! А ни треба некој за средување на просторот, за лепење плакати, за помош во кујна или на билетарница, за продажба по штандови, за фотографирање, возење или дружење на гости, за помош на шанк, за одржување на просторот, за помош и поддршка за работилници, средби, муабети, проекции… за помош и поддршка на сите сектори и аспекти на фестивалот. Во сектори и (неколкучасовни) термини кои секому му одговараат. Нема принудна работа, а посветеноста многу се цени. Годините, знаењата, вештините и хороскопскиот знак не се пресудни. Пресудна е позитивната посветеност. Работата на волонтерите сиве овие години се покажа како клучна за успешното функционирање на фестивалот од една страна; волонтерите до сега биле еден од основните зачини на секоја година. Од друга страна, многу волонтери толку се поврзале на фестивалот што веќе се дел од фестивалската екипа“, стои во повикот за волонтери.