Повик за вклучување во Европската недела на кодирање

Европскиот „Code Week“ (Недела на кодирање), што се одржува од 10 до 18 октомври, е нова иницијатива која има цел да ги доближи кодирањето и дигиталната писменост до сите на забавен начин.

Од ОЕР.мк ги повикуваат сите заинтересирани, но пред се наставниците, да се вклучат во одбележувањето на оваа недела преку организирање настан. Потребно е да се одбере тема и целната група, а за идеја може да се користи и Алатникот за наставници .

„Денес живееме во свет кој е под влијание на рапидниот развој на технологијата. Начинот на кој работиме, комуницираме, купуваме и размислуваме е драстично променет. Со цел да ги прифатиме овие брзи промени и да го разбереме светот околу нас, ние не само што треба да го развиваме нашето знаење за тоа како функционира технологијата, туку и да развиваме вештини и можности, кои ќе ни помогнат да се адаптираме и живееме во оваа ера.
Учењето да кодираме ни помага да разбереме како функционираат работите, да истражиме идеи и да создаваме работи, за работа и за игра. Уште повеќе, ни помага да ја ослободиме нашата креативност и да соработуваме со прекрасни луѓе блиску, но и далеку од нас, низ целиот свет“, се наведува во повикот за вклучување во европскиот „Code Week“.