Повик за учество во обука за изработка на краткометражни филмови

Младинскиот образовен форум во рамки на Медиа Арт клубот – Скопје објавува повик за учесници на обука за изработка на краткометражни филмови. Преку запознавање со техниките и елементите на филмскиот јазик и неговата колективна дејност, основната цел на оваа работилница е да ги стимулира учениците да размислуваат креативно и да го развиваат тимскиот дух. Во текот на работниот процес, младите учесници ќе бидат повикани и мотивирани  да споделуваат идеи, да работат индивидуално и во групи и конечно, да создадат интересни проекти.

Работилницата ќе трае два месеци и ќе се одржи во Скопје од 6-ти февруари до 26-ти март, 2016 година. Средбите ќе се одржуваат на неделно ниво, секоја сабота во горенаведениот временски период во 16:00 часот. Кандидатите што сакаат да учествуваат во неа треба да ги исполнат следниве критериуми:

– Да бидат вклучени во активности за промена на општеството;

–  Да се на возраст од 16 до 20 години;

– Да имаат интерес да научат како се создава краткометражен филм;

– Да може да учествуваат на сите денови на обуката.

Бројот на учесници е ограничен, a учеството е бесплатно. Обуката ќе се одвива на македонски и англиски јазик јазик од м-р Димитар Банов.  Банов е магистар по драматургија на Факултетот за ТВ и драмски уметности (FAMU) – Прага, Република Чешка. Има долгогодишно искуство со режирање на краткометражни филмови и учество во повеќе филмски проекти и работилници, а негова најголема љубов е пишувањето сценарија.

Сите заинтересирани треба да аплицираат најдоцна до 4-ти февруари 2016 со испраќање целосно пополнет формулар на следниот линк. За повеќе информации обратете се на petar_antevski@mof.org.mkили контактирајте ја организацијата на : 02/3139 692. Потврда за учество ќе им биде испратена на одбраните учесници веднаш по истекот на рокот за пријавување.Обуката ќе се одржи во Скопје, а организаторот не покрива патни трошоци или трошоци за сместување.

Доколку учениците успеат да ги напишат и снимат своите кратки сценарија, а при тоа да научат дека и со ограничени ресурси, но со тимска работа, можат да реализираат неограничено многу креативни идеи, оваа филмска работилница ќе може да се смета за успешна.