Повик за учество во документарецот „Climаte Ops“

Европската телевизија за култура „Арте“ распиша повик за учество во изработката на документарниот фил „Climаte Ops“.

Документарецот ќе се продуцира преку прибирање на најдобрите секвенци од видеа кои ќе пристигнат од 47 европски земји. Филмот ќе биде емитуван на телевизијата и достапен на интернет за време на Конференцијата за климатски промени (COP21), што ќе се одржи во Париз во декември оваа година.

Видеото треба да прикажува некое уникатно, благородно и природно место кое климатските промени можат да го загрозат, а се сними во една до три минути, со паметен телефон, таблет или камера.

Во него, може да се појави самиот автор, семејството, пријателите, локалното население, животни.

Потребно е да се преточат среќните спомени од тоа место, зошто авторот се плаши за него, кога сфатил дека нешто треба да се направи за планетата и дали има порака за преговарачите на Конференција за климатски промени во Париз.

Во видеото треба да се зборува на мајчиниот јазик и да не се додава музика, а потоа да се прикачи на YouTube, Dailymotion, Vimeo. Линкот од видеото треба да се копира и да се вметни во електронскиот формулар. Крајниот рок е 31 август.

Повеќе информации се достапни на arte.tv/uploadclimat или може да се контактира координаторот на проектот во Македонија, Дејан Андонов на dandonov@vs.edu.mk.