Повик за учество на работилницата „Франц Кафка: од „Колонијата на казнетите“ до „Процес“

Во рамки на проектот „Критичко преиспитување на правото“, на 12 април, од 12-14 часот, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе се одржи работилница со наслов ФРАНЦ КАФКА: од „Колонијата на казнетите“ до „Процес“. Работилницата ќе ја одржат проф. д-р Маја Бојаџиевска, проф. д-р Славица Србиновска и доц. д-р Ирина Талевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. И покрај тоа што работилницата ќе биде јавна, потребно е пријавување на учество на kritika.pravo@gmail.com, бидејќи местата се ограничени. На оваа електронска адреса, може да ги упатите вашите прашања во врска со работилницата, а воопшто и во врска со проектот. Повикот за учество ќе биде отворен до 10 април. На работилницата ќе бидат поделени и работни материјали.

Дебатата се концентрира на темата врзана за улогата на уметноста и нејзиниот однос кон правото и во неа ќе се толкува творештвото на Франц Кафка.

Во рамките на дебатата во која учествуваат проф.д-р Маја Бојаџиевска, проф.д-р Славица Србиновска и доц.д-р Ирина Талевска ќе се актуализираат низата двосмислени и повеќеслојни значења на расказите на Франц Кафка и романот Процес. Интересот на присутните на работилницата ќе се фокусира врз расказите под наслов „Метаморфоза“, „Грижата на домаќинот“, „Сосед“, „Јазбина„, „Мелез“, „Пејачката Јозефина и народот на глувците“, „Извештај до една академија“„Мост“, Изградбата на кинескиот ѕид“, „Одбивање на молбата“, „Заедница“, „Пресуда“, „Пред вратата на законот“, „Прашањето на законот“ и врз романот „Процес“.

Во овие текстови низ дебатата се анализира моќта во однос со современите економски и политички проблеми. Во полето на општеството, Мишел Фуко говори за моќта како за феномен кој е иманентен на системот, особено за нејзиното мултиплицирање преку институциите на „дисциплинираните општества“. Тоа го проблематизира статусот на индивидуата, нејзиниот духовен живот, но и аспектите на субјектот сфатени особено во однос со неговото „над јас“. Во расказот „Во колонијата на казнетите“ од Кафка „никој не знае кој закон и каков закон е услов за обвинување, ниту зошто е виновен,“ или конкетно „никој не ја познава внатрешноста на законот“ (Ж.Делез&Ф.Гатари).

Законот,според Кант, не се потпира врз концепцијата за „вечното Добро“ кое се материјализира во него, туку врз формата на законот, која според јудео-христијанската концепција е форма врз која почива самото Добро како такво. Доброто е она што е пропишано со законот (Ж.Делез&Ф.Гатари). Законот е потребна „арматура“ или „форма“. Врската меѓу законот, вината, таа која не може да се спознае, пресудата и нејзиното „стапување на сила“ (Ж.Дерида) се аспекти кои се темел на пишувањето на Кафка, но и на неговото разбирање. Законот како форма, како искажување кое казнува е потреба, тој не е вистина (според расправата на свештеникот во параболата Пред вратата на законот).

Темата која го определува делото на Кафка во однос со правото, а која би било сосема погрешно доколку не се појасни е трансценденцијата на законот, вината и субјективноста на искажувањето. Но овие теми не се транспарентно изложени, заради тоа се појавува серија од инертни и редовно погрешни објаснувања кои оперираат со алегоријата, метафората или симболот кај Кафка. Тој не е автор кој ја искажува критиката, тој дејствува со пишувањето во кое светот со сите елементи на катастрофата на војните, логорите или политиките на тоталитаризмот (Х.Арент, В.Бенјамин, Џ.Агамбен) го покажува во сопствените текстови и затоа во нив нема „бегање“ од светот, ниту симболи, светот во нив „влегува“ онаков, каков што е, тој свет постои во делото кое е најсоодветно разбрано низ реалистичките и социјалните толкувања во кои централно место има правото и желбата за правда која е само идеал.