Повик за работилница „Мисли слобода“

Младински образовен форум (МОФ) во соработка со Скопско лето и уметницата Едина Селесковиќ објавува повик за учесници на работилницата Мисли слобода.

„Што според тебе означува слобода? На работилницата ќе се дискутира темата слобода и ќе се извлечат пораки кои ќе бидат вклучени во мулти-медијална јавна уметничка инсталација во склоп на Скопско лето со уште многу пораки од млади од целиот свет. Работилницата е дел од истоимениот проект, дизајниран како инсталација која се состои од илјадници елементи, скулптури на мир, направени поединечно од метал со сребрена боја, поставена во импресивна форма на јато во слободата на движење без граници: секогаш со поглед напред до подобра и посветла иднина“, стои во повикот.

Од МОФ потенцираат дека проектот претставува многу повеќе од само скулптури и инсталации, затоа што секој елемент носи на своите крила рачно напишани пораки преку кои младите можат да ги изразат своите гледишта за слободата и иднината. Овие пораки инсталацијата ги носи со себе и тие го продолжуваат својот пат онаму каде што таа понатаму ќе се изложува.

„Мисли слобода“ ќе биде поставена на 21 јуни (среда) од 20 часот на улица „Македонија“.

Проектот беше инициран во Сараево 2015 година и сега патува во 30 градови во светот поврзувавајќи ги младите луѓе, современата уметност, градовите и публиката. 2020 година инсталацијата ќе биде презентирана и во Њујорк.

Работилницата ќе се одржи на 21 јуни во Скопје во дворот на МОФ и ќе трае 1 час. Повикот е отворен за сите средношколци и учеството е бесплатно. За целта на работилницата не се потребни никакви уметнички познавања.

Сите заинтересирани треба да аплицираат најдоцна до 21-ви јуни (до 10 часот) со испраќање на мејл на следната адреса: marija.grujovska@gmail.com. На истата електронска адреса можат да се обратат за повеќе информации или на телефонскиот број 070 206 549. Бројот на учесници е ограничен, можност за учество ќе имаат првопријавените.

Потврда за учество ќе им биде испратена на одбраните учесници веднаш по истекот на рокот за пријавување. Обуката ќе се одржи во Скопје, а организаторот не покрива патни трошоци или трошоци за сместување.