Повик за обука за нови предавачи по Учиме право (Street Law) 2016

Младински образовен форум (МОФ) во рамки на програмските активности на програмата Учиме право објавува повик за обука за нови предавачи по Учиме право (Street law).

За учество на оваа обука, потенцијалните кандидати треба да ги исполнат следниве услови:

  • Да се студенти на правни студии на Правен факултет, запишани најмалку во втора година од студиите, дипломирани правници или студенти на мастер студии по право;
  • Да поседуваат развиени говорни и презентациски вештини;
  • Да располагаат со способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини.

Обуката ќе се одржи на 3-ти и 4-ти декември (сабота и недела) 2016 година во Скопје и двата дена ќе трае од 10 до 18 часот. Целата обука е предвидено да се одвива на македонски јазик и ќе биде водена од страна на предавачите и асистентите по Учиме право. На оние учесници кои ќе доаѓаат од останатите градови низ Македонија ќе им бидат рефундирани патните трошоци во висина на повратен автобуски билет.

Сите лица кои ќе присуствуваат на целата обука и истата успешно ќе ја поминат, ќе се стекнат со сертификат за помината обука и ќе добијат прилика да се вклучат во работата на Учиме право клубовите и активностите на МОФ во текот на целата учебна година, под менторство на постарите и поискусни предавачи.

Програмата Учиме право е насочена кон правна едукација на младите и запознавање со основите на демократијата и правниот систем, владеење на правото и остварувањето и заштитата на човековите, граѓанските и политичките права и слободи. Моментално активно функционира во 7 градови: Скопје, Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес и Куманово.

Дел од обврските на членовите на телото на предавачи се:

  • Учество во креирањето на содржината на предавањата и активностите во рамките на програмата;
  • Сериозен и одговорен пристап кон предавањата во клубовите и програмските активности;
  • Помош во осмислувањето и реализирањето на јавните настани на програмата, но и оние на МОФ;
  • Редовно присуство на состаноците и учество со активен придонес.

Сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат овие услови, може да се пријават на овој повик со испраќање на CV на ucime_pravo@mof.org.mk [со назнака: Обука за нови предавачи по Учиме право 2016] и пополнување на оваа апликација најдоцна до 1 декември (четврток) 2016 година, до 16:00 часот.

Испраќањето на CV и пополнувањето на апликацијата се задолжителни.

Оваа обука е поддржана од програмата Цивика Мобилитас и Фондација Отворено општество Македонија. За дополнителни информации и прашања, може да се обратите на ucime_pravo@mof.org.mk или на телефоните: 078 421 572 (Димитар Низамовски – Програмски координатор) и 078 421 573 (Мартин Лазаревски – Програмски асистент).