Повик на Јавна Соба за македонски дизајнери кои сакаат да се претстават на регионалните фестивали во 2017

Јавна соба распишува повик за сите македонски дизајнери, дизајн студија и производни компании кои сакаат да ги претстават своите најнови производи пред пошироката регионална публика на дизајн фестивалите во регионот и воедно да стапат во контакт со претставници на концептуални продавници и дистрибутери од соседните држави. Учеството е бесплатно и има за цел да го стимулира развојот на дизајн сцената во Македонија, во поглед на продуктивност, само-одржливост и иновативност. 

Пријавата за учество може да се најде на следниот линк.

„Време е да се охрабриме, умешно да го спакуваме и да го претставиме надвор од нашите граници сето она што неколку години внимателно го создаваме. Заеднички да ја промовираме македонската дизајн сцената и нашата земја. Како неформални претставници на дизајн секторот во земјава имаме обврска да ги мобилизираме сите активни продукт, модни и графички дизајнери, да ги мотивираме да размислуваат извозно. Фестивалите се одлична можност за иницирање на соработка со концептуални продавници од Белград, Загреб, Сараево, Тирана,  Пловдив и Софија, а изложувањето во комерцијалните зони е секако од голема корист за било кој дизајнер, дизајн студио или производна компанија од Македонија. Во концептуалната продавница во Јавна соба од пред 6 месеци се продаваат парчиња мебел, накит и облека од млади дизајн брендови од целиот регион, време е и ние да покажеме што може да произведеме и извеземе! Патот е отворен, на нас останува реализацијата“, велат од Јавна соба.

Селектираните производи ќе патуваат во период мај – ноември, 2017 во организирана форма, како „Изложба на македонски дизајн – 2017.

На изложбата може да учествуваат сите модни, графички и продукт дизајнери, дизајн студија и компании од Македонија кои имаат изработено производ или се во финална фаза на изработка на нов производ /прототип. Од Јавна соба ги охрабруваат сите дизајнери, архитекти, инженери кои сакаат да ги афирмираат производите и остварат вмрежување со продавачи и дистрибутери од земјите од регионот да се пријават на овој повик.

На регионалните фестивали се очекува да се настапи со избор на 15 до 20 иновативни продукти, кои ќе имаат можност да ги видат неколку стотици илјади луѓе на Балканот. Проектот за промоција и извоз на македонски дизајн е во организација на Центарот за дизајн и иновации Јавна Соба.