Повеќето Европејци сакаат забрана за имиграција за жители од муслиманските земји

И покрај глобалната осуда на „забраната за муслимани“ која Доналд Трамп се обиде да ја воведе во САД, и Европа сака да има ист, или сличен закон кој би спречувал имиграција за жители од одредени земји со муслиманско мнозинство, покажува анкета.

Во просек 55 посто од луѓето во 10 европски земји кои биле анкетирани, велат дека сакаат да се спречи сета идна имиграција од претежно исламските земји.

Истражувањето на Четам Хаус, спроведено кратко пред претседателот на САД Доналд Трамп да ја потпише извршната одлука за забрана на имиграција од седум исламски држави, покажува дека во осум од десетте испитани држави, луѓето се спротивставени на имиграцијата.

Само 20 проценти од испитаниците не се согласуваат, а 25 проценти велат дека не знаат што сакаат.

Забрана за имиграција поддржуваат 71 процент од луѓето во Полска, 65 проценти од Австријците, 53 проценти од Германците и 51 процент од Италијанците.

Од оние кои биле анкетирани, опозицијата кон муслиманските имигранти била особено интензивна меѓу постарите луѓе, а оние под 30 луѓе ретко имале проблем со имигрантите.

Има голем контраст и меѓу оние со средно образование – 59 проценти од нив се против муслиманските имигранти. Од оние со универзитетска диплома, помалку од половина имаат проблем со имиграцијата.