Повеќе од 20.000 малолетни девојчиња нелегално се мажат секој ден

Анализа на Светска банка и организацијата Спасете ги децата (Save the Children) покажува дека секоја година се склучуваат 7,5 милиони нелегални детски бракови. Односно, секој ден во светот во брак стапуваат 20.000 малолетни деца, претежно девојчиња.

Новата статистика покажува дека во земјите каде законите ја забрануваат оваа пракса, 7,5 милиони девојчиња секоја година се мажат пред легалната возраст.

Едно од три девојчиња во земјите во развој се мажат пред да наполнат 18 години.

Малолетните невести често се отпишуваат од училиште поради обврски во домаќинството, бременост, мајчинство или социјален притисок. Некои влади, како во Танзанија, им забрануваат на омажените и бремените девојки да одат на училиште.

Изминатите две години, сепак, се случил некаков прогрес. Од вкупно 112 земји испитани во истражувањето, вкупно 10, меѓу кои и Костарика, Гватемала, Мексико и Зимбабве, ги промениле законите за малолетнички бракови, или преку зголемување на легалната возраст за стапување во брак, иили преку елиминирање на легалните исклучоци, како родителската или судската дозвола.

Сепак, во Бангладеш, земја со една од највисоките стапки на малолетнички бракови во светот, минималната возраст била намалена.

Две третини од малолетничките бракови се случуваат во земји каде легално се забранети, што покажува дека законите не се почитуваат. Во некои земји, минималната возраст за брак е пониска поради религиозните или традиционалните закони, кои се почитуваат повеќе од националното право.

Истражувањето, направено со цел да се одбележи Интернационалниот ден на девојчето, повикува на итна реакција на национално и меѓународно ниво.

Кирсти МекНил, извршен директор на Спасете ги децата за креирање на политики, заштита и кампањи, вели: „Нема да видиме свет во кој девојчињата и момчињата ги имаат истите можности да успеат во животот, сè додека не го елиминираме малолетничкиот брак. Кога девојчето ќе се омажи премладо, нејзината улога како сопруга и мајка е најважна. Поголема е веројатноста да го напушти училиштето, да остане бремена и да трпи насилство“.

„Законите кои ја забрануваат оваа пракса се значаен прв чекор. Но, милиони ранливи девојчиња ќе продолжат да бидат во ризик, сè додека детскиот брак не се спречи со сите ресурси. Мора да го промениме ставот во заедниците, за заедно да ја спречиме оваа штетна пракса еднаш и засекогаш“.