Постојано во транзиција, заробеност во скршените огледала – Второ издание на фестивалот КРИК

Од 13 до 17 декември во Музејот на современа уметност ќе се одржува второто издание на КРИК – фестивалот за критичка култура, кој оваа година ќе биде посветен на темата „Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала“.

И оваа година фестивалот има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

„Овогодинешниот КРИК ќе ги проблематизира разните наличја на побуната во уметноста. Неретко, сведочиме на нејзината миговност, привременост, неконзистентност и „проектност“. И токму затоа, таа ја губи својата вредност на концентрација која може да предизвика промена и добива „билборд“ популистичка семантика, наметната од доминантните наративи на моќта. Едно од прашањата низ кои сме заталкани во уметничкиот и политичкиот контекст е отсуството на онтолошката рамка во која јасно ќе се покаже дека се поставува наспрема секој облик на власт кој не дозволува артикулација на слободата, и го отвора прашањето за „изневерените револуции“. Поставувајќи ја темата „Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала“, исто така, сакаме од одредена аналитичка дистанца да ја искористиме можноста за критички промени во локалниот контекст, како можност за одново обмислување на општеството и одговорноста на уметниците и културните работници низ нивното критички промислено творештво“, најавуваат организаторите.

„Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала“ е генералната тематска поставеност на овогодинешниот КРИК, а во партнерска соработка со организациите Курзив и Kulturtreger од Хрватска, SCCA-Љубљана од Словенија и SEECult од Србија, отвораме и уште една тематска линија „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“.

Учесници на овогодинешниот фестивал се: Колективот „Что делат“ (Дмитри Виленски (РУ), Оксана Тимофеева (РУ), Олга Егорова (РУ), Нина Гастева (РУ), Сузана Милевска (МК), Миљенка Буљевиќ (ХР), Небојша Вилиќ (МК), Антонија Летиниќ (ХР), Лука Остојиќ (ХР), Владимир Јанковски (МК), Лујо Парежанин (ХР), Весна Милосављевиќ (СРБ), Лара Плавчак (СЛО), Миха Келемина (СЛО).

Повеќе детали за фестивалот, програмата и можноста да се пријавите на настаните можете да најдете на интернет страницата на фестивалот.