Последен протест на новинарите од „Утрински“ денеска напладне

Новинарите од „Утрински весник“ денеска напладне ќе излезат на последен протест во 12 часот на паркингот на „МПМ“.

Претседателот на синдикатот на вработените во весникот, Љубиша Станковиќ, ги повика сите досегашни соработници да им се придружат за како што вели, да го одбележат згаснувањето на овој медиум.

„Ги повикувам сите сегашни и поранешни новинари, сите дописници, соработници, колумнисти, новински и синдикално-новинарски здруженија, сите невладини и граѓански организации, сите политички партии, секој граѓанин и читател кому во изминативе 18 години ‘Утрински весник’ му значел нешто, да дојдат пред службените простории на ‘Медиа принт Македонија’ за да го одбележат згаснувањето на весникот“, напиша Станковиќ на Фејсбук.

„Сите кои планираат да дојдат, може да си понесат по едно пластично шише во кое нека стават по некоја паричка за да ја поттикнат алазијата за оној кој стои зад ‘убиството’ на весникот“, додава тој.

Инаку, утре излегува последниот број на овој весник.

Тој е еден од весниците во издаваштво на МПМ, чии новинари штрајкуваа минатиот месец поради неисплатени плати. Тие бараа средба со сопственикот Срѓан Керим, но останаа игнорирани.

Во меѓувреме, на сајтот на Агенцијата за вработување беше објавен оглас во кој се бараат 55 новинари, за ангажман на определено време од 6 месеци и плата од 20 илјади денари од компанијата „Медиа Принт ДООЕЛ – Скопје“, фирма ќерка на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), во чија сопственост се наоѓаат и весниците „Утрински“, „Дневник“ и „Вест“.