Пораката „Добредојдовте во пеколот“ ги пречека туристите на аеродромот во Рио де Женеиро

Фотографијата, која се рашири на социјалните мрежи, ја изразува загриженоста во врска со прашањето дали Бразил е подготвен да да биде домаќин на летните Олимписки игри.

„Полицијата и пожарникарите не се платени, кој ќе дојде во Рио де Женеиро нема да биде безбеден“, пишува на знакот, кој неколкумина полициски службеници го поставија на влезот на аеродромот.

Друг знак, надвор од аеродромот гласеше „Добредојдовте, немаме болници!“.

Околу 300 полицајци одржаа протест во понеделникот поради неисплатени плати и незадоволителните услови за работа. Некои од нив дури тврдеа дека немаат добиено соодветна опрема за своите работни места, почнувајќи од најосновното како бензин за автомобилите, до средства за хигиена.

„Во станиците немаме хартија, или боја за принтери, нема кој да дојде да исчисти, а некои станици веќе немаат ни водовод, така што тоалетите не им функционираат“, изјави офицерот кој се претстави само како Андре, член на елитната полициска единица.

„Јавноста ни носи тоалетна хартија“, додаде тој.

Друг полицаец, пак, изјави дека пет месеци не добил плата. Според полицијата, немањето на соодветна опрема може да биде опасно за време на Олимпијадата, на 5 август, која се очекува да донесе повеќе од половина милион странски туристи.

Нападот на најголемата болница во Рио, во близина на Олимпискиот стадион, предивика загриженост за безбедноста. Повеќе од 20 вооружени лица упаднаа во болницата на 20 јуни, наводно за да го ослободат својот шеф, дилер на дрога, при што еден почина, а двајца беа повредени.

Полицијата не можеше да повика засилување, бидејќи немаа хеликоптер на располагање.

Властите во Рио прогласија „состојба на општа катастрофа“ на почетокот на јуни со цел да предизвикаат вонредна состојба во државното финансирање, поради финансискиот дефицит на земјата. Но, привремената влада на Франциско Дорнелес вели дека тие допрва треба да ги добијат 2,9 милијарди долари кои властите во Рио ги побарале.