Помошта тешко стигнува до поплавените подрачја

Три дена по поплавата, Црвениот крст најави дека со возила ќе почне да разнесува помош до домовите на поплавените во Скопје. Во однос на информациите за затворање на пунктовите за помош, Александра Ристовска  од Црвен Крст вели дека тие тие одговараат само за пунктовите на нивната организација, но не и за останатите иницијативи.

„Останува отворен пунктот за донации на Момин Поток, по што помошта ќе се пренесува во училиштето „Наум Наумовски Борче“, вели Ристовска. Оттука, додава, со возила ќе се носи до погодените подрачја.

На информацијата за затворање на пунктовите за помош, реагираа и активистите од групата „Хуманитарна помош за настраданите семејства во Скопје“ кои велат дека помошта продолжува да се собира.

„Сите пунктови коишто се организирани на социјалните мрежи функционираат со целосна посветеност на волонтерите, секој добиен продукт се маркира со ознака „H“ и се носи секаде каде што е потребно – за што може да посведочат и сите граѓани коишто се имаат обратено за помош до нас“, велат од групата.

Тие беа и единствените кои вчера низ калта им однесоа помош на дел од жителите од Ченто.

И информациите за тоа каде може да се побара помош тешко стигнуваат до жителите погодени од поплавата. Возилата им се целосно уништени од водата, а телефоните не работат бидејќи нема струја. Оставени сами на себе гласно коментираат дека немаат време да трчаат по донации, додека калта ги јаде нивните домови.

И денеска во Ченто секој да се справуваше со последиците од невремето како знае и умее.

Епилогот од неколкучасовниот дожд во саботата е 22 мртви и илјадници уништени домови во Ченто, Сингелиќ,Стајковци, Смилковци, Арачиново.