Померанцев: Новинарите со факти да го заземат просторот во кој оперираат демагозите и популистите

Пост-вистина, како што можеби многумина знаат, е нов збор вклучен и во речникот на „Оксфорд“. Зборот не значи „лага“, туку означува околности во јавниот дискурс кога фактите не се важни (во формирањето на јавното мислење, туку повеќе емоциите и личното убедување н.з.). Лидери како Доналд Трамп или Владимир Путин не се ни обидуваат да ве убедат дека зборуваат вистина, туку велат дека „фактите не се важни“. Тие лажат отворено и го „слават“ фактот што лажат. Не се чувствуваат чудно со таквата ситуација. Нема негирање или сомневање, како сето тоа лажење да не е важно, потенцира британскиот експерт за медиуми, Петер Померанцев.

Померанцев со своја анализа на тема „Новинарството наспроти пропаганда во ерата на пост-вистината“ се обрати на конференцијата „Е-општество“ во организација на „Метаморфозис“. Ги пренесе долгогодишните искуства и видувања, откако пишуваше во повеќе светски медиуми како „Њујорк Тајмс“, „Атлантик Мантли“, работеше како продуцент на ТВ каналот „ТНТ“… а можеби најголем интерес предизвика со неговата книга „Ништо не е вистина и се е можно: Надреалното срце на нова Русија“, каде опишува како медиумите потпаѓаат под пропагандата.

„За да видиме како работите функционираат во овој нов чуден свет, треба да ја погледнеме историјата на пропагандата или новинарството. Да видиме како стигнавме до оваа точка. Не да укажеме на симптомите, туку што ги предизвикало. За време на Студената војна, двете страни лажеле, особено советската страна. Биле познати по лагите за тоа како функционира нивното општество. Сепак, тие се обидувале да се преправаат дека лагите се вистина. СССР презентирале лажни бројки за ‘цветањето на економијата’. На хартија, се обидувале да претстават одлични резултати. Значи, главното било ‘преправањето’ за да се докажат нешто. Ова не е случајност. Двете страни во Студената војна, демократите и комунистите, се обидувале да покажат сопствена визија за светот, дека нивниот ‘прогрес е подобар’, дека, да речеме, комунизмот или научниот марксизам е вистинската визија за иднината, односно е ‘рационален’. Па, потребни се ‘докази’,’аргументи’ дека се движиш некаде“, анализираше Померанцев.

Фактите, генерално, вели тој, не се премногу пријатни. Ти кажуваат дека умираш, не изгледаш убаво, дека си дебел, жената те оставила… Но, истовремено, фактите се апсолутно потребни за да стигнеш до поента, за да аргументираш, за да изградиш куќа или ново општество.

„Кога завршила Студената војна, тогаш бил ‘крајот на историјата’. Но, и во тој ‘крај’ постоела идеја за ‘иднина’. Потоа не сакаш ‘иднина’ бидејќи е дел од некаква ‘либерал-демократија’ или ‘глобализација’. Пример, се анализира и дискутира за иднината и опстојувањето на ЕУ, за граѓанските движења… Луѓето сакаат да докажуваат дека светот ‘оди некаде’. Луѓето даваат аргументи за своето општество, за економијата, изборите…    По 2008 година, и случувањата со војната во Ирак, таа идеја за ‘глобализирана иднина’ или иднина со глобална либерална-демократија’ престана да биде атрактивна за голем број луѓе, туку и опасна, вознемирувачка. ‘Иднината’ почна да исчезнува од јавниот дискурс“, забележува експертот за медиуми.

Во 2012 година, потенцира, Русија во политичкиот дискурс „иднината“ почнала да ја заменува со фантазија, носталгија, исчезнати империи… Во Америка, Доналд Трамп денес не зборува за иднината, туку, вели тој, да ја направи Америка „повторно величествена“.

„Во Британија со Брегзит провејува носталгична идеја. Како некоја сонлива виртуална реалност со ирационален импакт. Од друга страна, фактите се дел од дискусиите за иднината, прогресот, за тоа како ‘да се стигне некаде’.  Ако не сакаш да ‘стигнеш таму’, повеќе не ти требаат факти. Оттука, кога зборуваме за пост-факти, впрочем зборуваме дали исчезнува идејата за иднината, за прогресот. На земји од Европа како Полска или Унгарија им треба таа идеја за да донесат реформи. Кога ќе влезат во ЕУ, ‘иднината’ ја снемува, бидејќи процесот додека влегуваш во ЕУ е ‘одличен’, но кога си веќе во неа доаѓа несигурност. Што да се прави следно? Се издигна време на заговори, носталгија, пост-факти, на политичари како Кишински или Орбан“, смета Померанцев.

Како ова се одразува врз новинарството? Според него, голем број колумнисти, или целата уредувачка политика на медиум може да биде насочена кон изнаоѓање начин за развој, за напредно општество. Меѓутоа, нагласува тој, сите новинари не размислуваат така кога ќе станат наутро. Мислат на својата дневна приказна. На практични работи.

„Сметам дека сето е поврзано со односот меѓу новинарот и читателот. Дали му внесуваш сомнеж за да ‘стигне некаде’, или, едноставно, се потпираш на ‘балансирано новинарство’, што е уште едно ср**е – му даваш 5 минути на Хитлер, и 5 минути на Евреите. Со тоа, навистина не му помагаш на читателот да оди напред“, вели тој.

Смета дека новинарството треба да се врати на основата – истражување, критикување на моќ, барање факти…. и читателот/гледачот тоа треба да го разбере, за да продолжи со својот живот.

„Новинарот да се поврзе, да ја уочи позицијата (во општеството н.з.) на читателот, да се спријатели со него, па со приказна, на пример за пријавување данок, да влијае и да знае како да му го подобри животот со ваквиот потег. Да ја исчисти ‘маглата’, нејаснотиите, конфликтите. Новинарството да не стане комплетен активизам, туку во некои мигови да биде активизам. Некои луѓе овие вести ги нарекуваат контруктивни, вести базирани на решенија. За да се стане релевантен, за да се докаже нешто и да одиш чекор напред, фактите се интегрален дел. Со дискусија базирана на факти треба да се заземе просторот во кој оперираат демагозите и популистите. Бидејќи, овие не нудат солуции, туку заговори и непријатели. Новинарите прават нешто сосема различно. Истражуваат, критикуваат, создаваат прилози, но на различно ниво“, контатираше Петер Померанцев.

Бојан Шашевски