Помалку часови и домашни за првоодделенците, повеќе слобода за наставниците

Кратење на бројот на предмети и часови во прво одделение, домашните задачи ќе се решаваат во школо, а наставниците ќе добијат поголема слобода во организирање на часот и помалку бирократија. Ова се дел од реформите кои Министерството за образование и наука ги предвидува за првооделенците, откако ќе го пројдат филтерот на стручната јавност.

Реформите предвидуваат учениците во прво одделение да немаат повеќе од 4 часови дневно, при што секој час ќе трае 55 минути, односно 40 минути за учење плус задолжителни 15 минути за одмор кои самиот наставник ќе одлучува кога да ги употреби. Ќе има помалку тестирања, а  домашните работи ќе се заменуваат со вежби на час под контрола на наставникот. Реформите предвидуваат и воведување служба за поддршка на талентирани, но и за ученици имаат послаби резултати.

Како што соопшти министерката, фокусот на работната група за реформите во МОН е ставен на првите три одделенија. Целта е вели, намалување на времето што учениците ќе го поминат во настава, за сметка на зголемување на нивните знаења.

„Сите анализи покажаа дека практично учениците се една од најоптеретените категории. Ако сите ние имаме лимитирано работно време, учениците имаат време кое го минуваат на часови, а потоа нивните обврски продолжуваат дома. Сето тоа резултираше со еден вид незаинтересираност, презаситеност, одбивност од наставниот процес, така што со реформите сакаме на учениците да им дадеме знаења, но исто така да го вратиме интересот и желбата за учење“, изјави министерката за образование и наука, Рената Десковска.

Професорот од Институтот за педагогија, Зоран Велковски, дел од работната група во МОН, вели дека со реформите ја исправуваат направена грешка во минатото, кога беше спуштено поранешното прво одделение без да се води сметка за возраста на учениците. Затоа, вели, со овие реформи се напушта „принципот на натрупување“, кога доколку за да се подобрат слабите резултати кај учениците се зголемуваа часовите по тој предмет и воведува нови програми.

„Принципот на игра ни е многу значаен во овој период, станува збор за деца од 5.8 до 6 години од кои најголем дел , околу 70 отсто доаѓаат на училиште директно од семејството. Сакаме тој премин од семејството или предучилишните установи да го направиме што побезболно за нив. Наместо да ги бомбардираме со голем број предмети и голем материјал кој треба да го консумираат, ние го разлабавивме тој дел , ги сведовме на нормално ниво програмите , водејќи сметка за псиихофизичките способности на тие деца“, објаснува Василевски.

Во препораките е најмалку еден од одморите да се случува надвор од училница, бидејќи, вели Василевски,  истражувањата покажале дека долго време седење во училница создава агресија и т.н хперактивни деца. Затоа во прво одделение се воведува предмет Физичко и здравствено образование, а во погорните одделенија „Спот“, а овие часови одделенскиот наставник ќе ја води заедно со стручен наставник по физичко.

Во прво одделение досегашните предмети Природни науки и Општество се интегрираат во еден предмет – Светот околу нас, додека Ликовно образование и Музичко образование се интегрираат во еден предмет – Уметност. Како една од заложбите е и намалување на бројот на ученици во одделенијата на 20, но ова ќе зависи од просторните и финансиски можности на МОН.

Наставничката Елизабета Петровиќ, верува дека и наставниците ќе бидат задоволни со овие реформи, кои дозволуваат поголема слобода во осмислување на часот, со помалку бирократија во планирањето.

„Потребни се поддршка, почитување, доверба, педагошка слобода, за секој наставник да може да го реализира она што е потребно да го реализира како поддршка на секој свој различен ученик“, смета наставничката Петровиќ.

Усвојувањето на најавените реформи ќе значи и отфрлање на Кембриџ програмата за првооделнците. Дали тие ќе почнат да се применуваат во септември, ќе зависи од стручната јавност, бидејќи пред да бидат усвоени, посочуваат од МОН, ќе бидат ставени на јавна дебата.

Ј.Ј.