Полициски кордони, блокирани улици – четврти ден протести во Скопје

Пред канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство денеска започна протестот за оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, укинување на аболицијата за политичарите, како и за одложување на парламентарните изборите најавени за 5 јуни.

Демонстрантите  предводени од студентите, од СЈО се упатија кон канцеларијата на претседателот во Центарот на Скопје, за да го изразат својот револт. Полицијата е поставена по булеварот од СЈО до Собранието, при што се попречува движењето кон седиштето на ВМРО ДПМНЕ.

Спуштете ги штитовите, нема причина од кого да се плашите, им порача на полицајците Стојанче Ангелов. Демонстрантите ја запеаја и македонската химна.

Исто така со огради и полиција неколку часа пред протестото е блокиран и пристапот до Собранието.

Демонстрантите ги повикуваат граѓаните и полицијата да им се придружат скандирајќи дека „Дојдени по слобода“, но и „ОСтавка“, „Наше е Собрание“.

Протестите се организираат четврти ден по ред, откако Иванов соопшти дека потпишал аболиција за сите политичари против кои се водат кривични постапки.