Полиција ги чува контроверзните билборди кои ги постави владата на Орбан во Унгарија

Шест опозициски активисти кои ги пречкртаа контроверзните, ксенофобични билборди кои ги постави унгарската влада во Будимпешта се уапсени вчераутро. Тројцата мажи и трите жени, сите во нивните 20-ти и 30-ти години биле задржани во полициска станица неколку часа.

Според сведочењата на активистите од групата Y-GEN, која е младинско крило на малата опозициска партија Együtt, билбордите, на кои пишува „Ако сте дошле во Унгарија, не можете да им ги земете работните места на Унгарците“ деновиве ги чуваат вооружени полицајци. Властите најавија жестока акција против активистите кои ќе се обидат да ги вандализираат билбордите, поставени пред неколку дена од страна на владата на десничарскиот премиер Виктор Орбан.

„Ако сте дошле во Унгарија, мора да ја почитувате унгарската култура“

„Ако сте дошле во Унгарија, мора да ја почитувате нашата култура!“

Планирано е поставување на 333 постери со големина на билборд, заедно со двојно повеќе постери со други слогани, за кои активистите обвинуваат дека имаат за цел да ги засилат ксенофобијата и расизмот против емигрантите во унгарското општество. Според објаснувањата, расистичките билборди имаат и друга намена: да го запрат одливот на членови и гласачи на владејачката партија на Орбан, Fidesz кон екстремно десничарската партија Jobbik.

„Ако овие билборди бидат поставени, ќе ги уништиме“, изјавија активистите на Y-GEN. Viktor Szigetvári, лидерот на партијата Együtt на Фејбук објави фотографии кои покажуваат десетици уништени и пречкртани вакви билборди. Партијата најави дека ќе започне национална кампања за уништување на билбордите секаде каде што ќе се појават.