Почнува снимањето на филмот „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова

Првата клапа на филмот „Борба за смрт“, ќе почне да се снима утре , први август во мариовското село Кален.

Станува збор за краткометражен филм, работен според сценарио и режија на Елеонора Венинова, а во продукција на „ДНФ филмс“.

Во филмот играат Мите Грозданов и Илија Струмениковски, продуцент е Гоце Кралевски, а директор на фотографија е Димо Попов.

Сценариото на „Борба за смрт“ минатата година освои и награда за најдобро сценарио на „Драма пичинг лаб“, работилница која се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција.

Филмот претставува парадоксална драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село. Венинова вели дека приказната за ова остварување е инспирирана од лична приказна поврзана со нејзиниот дедо.