Почнува регионален лезбејски форум во ГЕМ клуб

Регионалниот лезбејски форум „Сестри аутсајдерки“ почнува денеска во 17 часот во ГЕМ клубот (над Менада). Форумот ќе трае до недела и ќе вклучи активистки од целиот регион. Форумот исто така вклучува и женски марш против сексуалното насилство врз жените на јавните простори „Ја имаме моќта, ја враќаме ноќта!“. Маршот ќе се оддржив сабота со почеток од 22 часот, пред стоковна куќа „Мост“.

На форумот како гостинки и говорнички ќе учествуваат активистки од Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

„Целта на регионалниот лезбејски форум е да овозможи платформа за поврзување на искуствата и практиките од регионот кои повикувајќи се на минатото и во согласност со моменталниот општествен и политички контекст ќе придонесат кон градење на заеднички вредности за делување како и кон градење на стратеги и планови на делување на национално, но и на регионално ниво.
Форумот исто така ќе направи простор за лезбејската култура и уметност преку вклучување на видео предавањето „Тешки слики – Предлози за работа со визуелна меморија преку настраност“, промоција на збирката „Пристоен живот“ која содржи 23 лезбејски раскази и проекција на филмот „Односи: 25 години од лезбејската група Шкуц-ЕлЕл“, се вели во повикот за настанот.

Форумот ќе се реализира во текот на 4 дена и ќе се заснова на три столбови кои се испреплетени низ агендата:

а) контекстуализација која вклучува три панели, почнувајќи од историските разлики и линиите на континуитет во лезбејскиот активизам во регионот, преку културниот активизам и уметноста како платформа за лезбејски политики на отпор и критика до последниот панел кој е насочен кон градењето на алијанси помеѓу лезбејските движења, критиката на национализмот и класната борба;

б) работиме заедно да поставиме заеднички вредности на делување како основ наЛезбејскиот манифест, а земајќи ги предвид споделените контексти, идеи и визии; и

в) безбедно место за работилници и споделување на искуства кои ќе ги отворат прашањата на каминг аут и лезбејските врски и прашањето за насилството врз жените.