Почнува изработката на новата Национална стратегија за млади 2016-2025

Агенцијата за млади и спорт во соработка со младинските организации и релевантните државни институции го започува процесот за подготовка на новата Националната стратегија за млади, која ќе важи за периодот од  2016 до 2025 година, најави денеска директорот на Агенцијата, Марјан Спасески. Тој ги повика сите релевантни институции и организации да се вклучат во креирањето на овој документ кој е од голема важност за сите млади во Република Македонија.

„Често велиме дека младите се нашата иднина, но всушност тие се сегашноста на оваа држава и овој документ се однесува токму на нив, на нивните потреби и ставови“, истакна Спасески.

Процес на креирање на новата стратегијата за млади ќе го води Агенцијата за млади и спорт, со поддршка од Програмата за развој на Обединети нации.  Оттаму информираат дека досега за учество се пријавени 150 претставници од невладините организации, институции, локалната самоуправа, меѓународни организации и поединци кои треба да бидат вклучени во работните групи во рамки на приоритетните области: образование, вработување, спорт, квалитет на живеење, здравство, партиципација на младите, младинско информирање, култура и локална младинска работа.

Во пресрет на почетокот на процесот за креирање на следната национална стратегија, а пред првата работна средба, со свој став излезе и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) од каде побараа целосна вклученост на младите во сите етапи на носење на стратегијата.Тие посочија дека процесот треба да биде базиран на постојан дијалог и подеднаква вклученост на млади, младински организации и институции, како и дека во него треба да се вклучат сите форми на младинско здружување, здружување на младински организации на локално и национално ниво, средношколски заедници, студентски организации и локални младински совети.