Почнува 7. Скопска недела на дизајн

Во Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба“ од денеска до 26 ноември ќе се одржува седмата Скопска недела на дизајн, годинава под мотото „Звукот на материјалите“.

Манифестацијата ќе има повеќе содржини, презентации, работилници, музички настани и кулинарски промоции и две изложби – „Обликување на Унгарија – дизајн на 21 век“ и „Експо зина“.

На унгарската изложба е бидат претставени креации на 25 современи млади индустриски дизајнери, иноватори и инженери кои, како што соопшти организаторот, на најдобар начин потврдуваат дека се потомци на генерацијата од 20 век која ги поставила темелите на унгарската креативност.

На 24-ти и 26 ноември, на презентациите во Јавна соба, своите искуства и иновативни дизајнерски проекти и продукти ќе ги претстават шест врвни современи дизајнери од Унгарија, а во чест на Денот на Унгарија, 26 ноември, концерт ќе има унгарски џез-бенд. Изложбата е патувачка и досега била во Канада, Шпанија, Полска, Русија и во други европски земји.

На „Експо зона“ (Expo Zone), пак, ќе бидат претставени 15 дизајнери од Македонија, регионот и Европа. Во едукативниот дел ќе има девет презентации кои ќе почнат утре и ќе траат до недела. Ќе има и работилници поделени за возрасни и за деца.

Британскиот совет-Скопје во рамки на Неделата ќе организира четиридневна работилница за околу 20 учесници од регионот кои ќе бидат обучени за ментори за дизајнерско размислување за деца. Работилницата ќе ја водат искусни предавачи, тренери и стартап претприемачи од Design Club од Велика Британија.

Активностите на Неделата на дизајнот ќе бидат отворени секој ден од 8 до 1 часот, а влезот е слободен. Новина е што покрај Јавна соба, настани ќе има и на уште една локација – LUX Lighting and Living.

Офцијалното отворање на 7.Скопска недела на дизајн е во 21 часот, а претходно, во 18 часот, ќе биде отворена изложбата на дизајнери од Унгарија, која е земја во фокусот на годинашното издание на манифестацијата.