Почина хорор иконата Џорџ Ромеро

Американскиот режисер, сценарист и монтажер Џорџ Ромеро, познат по неговите крвави и сатирични хорор филмови, почина на 77-годишна возраст. Американските медиуми пренесуваат дека Ромеро ја загубил своjата „кратка, но агресивна борба со ракот на белите дробови“.

Ромеро се смета за еден од влијателните пионери на хорор жанрот, односно за „татко“ зомби филмовите, почнувајќи со „Ноќта на живите мртовци” од 1968 година. Неговите зомбија беа повеќе од обични канибали, тие беа метафори на конформизмот, расизмот и класните разлики.

Првиот негов зомби филм се смета за своевидна критика кон расизмот во САД, бидејќи единствениот афроамериканец преживеан од борбата со „немртвите“ беше застрелан од спасувачите.

Самиот Ромеро во повеќе наврати велеше дека не би работел на хорор филмови, доколку ја немал можноста во нив да ги изразува своите политички погледи и пораки.