Почина ексминистерот за образование Абдилаќим Адеми

По тешка болест синоќа почина Абдилаќим Адеми, генерален секретар на ДУИ и поранешен министер за образование и наука.

Тој беше еден од основачите на ДУИ, а извршуваше неколку високи државни функции – потпретседател на Владата на Република Македонија, задолжен за спроведување на Рамковниот договор од 2008 година, министер за животна средина и просторно планирање од јули 2011 до јуни 2014 година, а во ресорот образование беше од  јуни 2014 до јануари 2016 година.

Абдилаќим  Адеми е роден на 20 декември 1969 година во тетовското село Шемшево. Во 1996 година дипломирал на Политехничкиот факултет во Тирана, Албанија како инженер по металургија. Во Германија на Техничкиот Универзитет во Фрајбург стекнал обука во Институтот за градежни и стаклени материјали.

Од 2002 до 2006 беше  пратеник во Собранието на Република Македонија. Беше член на ДУИ од основањето на Централниот Одбор и претседател на огранокот на ДУИ за општина Јегуновце.