Почина диригентот Саша Николовски-Ѓумар

На 50-годишна возраст денеска почина Саша Николовски – Ѓумар, еден од најдобрите македонските диригенти.

Тој беше роден во Битола во 1966 година. Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија го завршува како најдобар студент на генерацијата. За време на овие студии, се запишува и на отсекот за композиција и диригирање, од кој дипломира со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет.

Во 1999 магистрирал со највисоки оцени на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учел оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев.

Од 1998 на Факултетот за музичка уметност предаваше хорско и оркестарско диригирање, Оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

Саша Николовски-Ѓумар ја предводеше и македонската филхармонија во Македонскиот народен театар за Божиќниот концерт на седми јануари.