Почина Честер Бенингтон, пејачот на „Линкин Парк“

Фронтменот на „Линкин Парк“, Честер Бенингтон, почина на 41 година, потврди неговиот колега од групата Мајк Шинода, објави „Индепендент“. Тој на Твитер напиша дека бендот наскоро ќе објави соопштение.

„Шокиран и скршен, но точно е. Официјално соопштение ќе излезе штом ќе го имаме“, напиша на Твитер.

Пејачот, наводно, се самоубил, иако ова допрва треба да го потврди официјално лице.

Според медиумите, телото на Бенингтон било пронајдено во неговиот дом во Лос Анџелес.

„Линкин Парк“ беа на светска турнеја насловена „One More Light“, а следна станица идниот месец требаше да биде во Менсфилд, Масачусетс.

Тие на својата официјална Фејсбук страница денеска објавија видео за песната „Talking to myself“, на што голем број фанови бараа потврда за веста околу смртта на фронтменот.

Полицијата одби да одговори на прашањата дали Бенингтон е лицето пронајдено мртов на имотот, но потврди дека имало смрт во истата насеба.

Бенингтон има шест деца од два брака. Веста за неговата смрт се појави истиот ден кога починатиот фронтмен на Саундгарден и негов близок пријател Крис Корнел, требаше да го прослави својот 53-ти роденден. Корнел си го одзеде својот живот минатиот месец.

Сочувство за неговата прерасна смрт упатија повеќе музичари и јавни личности.