Победничката фотографија од конкурсот на Радио МОФ за аерозагадувањето

Фотографијата на која е прикажан поглед кон оџакот на скопската цементарница УСЈЕ е победник на конкурсот на Радио МОФ за најдобра Инстаграм објава од аерозагадувањето во Македонија. Автор на фотографијата која доби повеќе по 500 „лајкови“ е Инстаграм корисникот „blazevskimarko“, кој ќе биде награден со заштитна маска за дишење што го филтрира воздухот, со филтри кои се менуваат.

Право на учество на конкурсот имаа сите граѓани кои се загрижени за последиците од енормното загадување на воздухот, по кое градовите како Скопје и Тетово станаа познати во светот. Сите заинтересирани, за време на конкурсот требаше да постават своја фотографија од аерозагадувањето на Инстаграм под двата хаштага #РадиоМОФ и #НеСеДише.

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека квалитетот на загадениот воздух го намалува животниот век на луѓето во Европа за една година, а 40 милиони луѓе во 115 најголеми градови во Европската унија, се изложени на загадувачи кои ги надминуваат стандардите на СЗО. Според СЗО, како последица од аерозагадувањето годишно во Македонија умираат повеќе од илјада лица.